Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во рамки на денешното судско рочиште за „крвавиот четврток“ денес во судот сведочеше Горан Ѓошевски – Леви, кој на 27 април работел како началник на личното обезбедување на претседателот на Собранието и на таа функција бил се до 15 ноември лани кога бил сменет.
Во сведочењето, Ѓошески појасни дека на 27 април дошол на работа во Собранието околу 08:45 часот и околу 15 часот одржал состанок со тимот по што имал состанок и со претседателот на собраниското обезбедување Александар Јанковиќ, а потоа заминал дома.
Сведочеше дека телефонски го информирале дека во собраниската сала се пеат химни и има тензии и оти околу 18:40 часот се вратил во Собранието.
„Вељаноски ме повика во неговиот кабинет и ми кажа да го организирам обезбедувањето на неговиот кабинет зашто во пленарната сала се врши избор на претседател на Собранието и дека пратениците од СДСМ ќе се обидат насилно да го исфрлат од кабинетот“, рече Ѓошески. Побарал повеќе луѓе од претседателот на собраниското обезбедување, но тој му рекол дека нема и дека единствено располага со редовна смена и дека ги известил во Оперативниот штаб и побарал помош.
Ѓошески сведочеше дека кога се симнал доле, во холот пред главната врата ги видел Владимир Стојков и Крсто Мукоски, како држат безбедносна греда од вратата. Им рекол да ја остават гредата, по што тие ја оставиле гредата и тој заминал. Го сретнал Абдулфета Аљими кого го прашал за клучеви и тогаш слушнал тресок и видел дека десната врата од Парламентот е отворена. Му ги дал клучевите на
Аљими и му рекол да оди горе пред Кабинетот. Се вратил кај Вљаноски кој му рекол да остане пред кабинетот.
Според неговото сведочење, луѓето кои влегле во Собранието го нарекувале Вељаноски предавник и прашувале каде се наоѓа. Рече дека 90 проценти од обвинетите ги запознал на рочиштата и по видување.
На вкрстено прашање од обвинетиот Александар Василевски Нинџа, дали е точно дека примил смс порака од Вељановски оти доаѓаат на помош маскирани лица во Собранието, обвинетиот Ѓошевски рече дека такви смс пораки не постоеле. Прашан зошто како полицаец не ги легитимирал лицата со фантомки во Собранието, Ѓошевски рече дека во насоките на полицајците јасно стои дека не може да постапат по своите овластувања доколку со тоа го загрозуваат сопствениот живот.
Обвинетиот Никола Митревски-Кољо го искористи денешното право за поставување прашања на судењето за 27 април за да ѝ се потсмева на полицијата за нивното непостапување за време на настаните во законодавниот дом.
Обвинетиот Кољо во неговите прашања упатени кон обвинетиот шеф на личното обезбедување на Трајко Вељаноски, споменатиот Леви, прашуваше дали униформираните лица во Собранието биле полицајци или споменици.
„Дали специјалците кои стоеја на скалите во Собранието според вас, беа полицајци или споменици“, праша обвинетиот Кољо.
Ваквото негово прашање ги насмеа речиси сите во судницата, дури и судијката Добрила Кацарска, а единствен со сериозен израз на лицето остана обвинетиот Митко Чавков.
Ѓошевски на ваквото прашање одговори дека лицата за кои го прашува Кољо му побарале вода. На ова следеше уште едно прашање од обвинетиот Кољо со содржина: „Што правеа полицајците? Пиеја вода или си ја работеа својата работа?“.
Обвинетиот Ѓошевски почна со одговор дека пиеле вода, а за тоа дали си ја вршеле својата работа, тој нема ингеренции да кажува.
По овие прашања на обвинетиот Митревски, Кацарска пред присутните во судница искоментира: „На кое дереџе падна полицијата од само еден настан“.