Сведочење на обезбедувањето Ангеловски за крвавиот четврток: „Испукав куршум за заплашување“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Испукал куршум од службениот пиштол за да го спаси својот и животот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а од Собранието излегол со расечена глава и расцепена уста. Ацо Ангеловски, еден од најтешко повредените во минатогодишното насилство од 27 април, денеска околу три часа сведочеше пред судот, пренесува Мкд.мк.

Ангеловски тој ден се нашол во Собранието како член на личното обезбедување на Спасовски, бил претходница и останал надвор од Собранието, како што рече, сѐ додека не добил телефонски повик од колега дека на личноста што ја обезбедуваат ѝ е загрозен животот. Зборувајќи за случувањата, Ангеловски беше смирен, но видно се вознемири во делот кога раскажа за добиените повреди и за тоа како го молел пратеникот Влатко Ѓорчев да не ги остава и да им ги спаси животите од агресивната толпа.

Сведокот Ангеловски пред судот рече дека некаде околу 19 часот правел обиколка околу Собранието и она што му паднало в очи е дека тој ден околу законодавниот дом имало помалку полиција од вообичаеното. Кога прашал колега зошто е тоа така, добил одговор дека голем дел од полицајците биле пуштени да ги користат годишните одмори.

Во паркиран „пасат“ Ангеловски го видел ексдиректорот на БЈБ, а тогашен советник во кабинетот на министерот Спасовски, Лазе Велковски. Во овие моменти пред Собранието веќе била собрана толпата, агресивно ја турнала оградата и почнала да влегува во парламентарната зграда. Во тој момент Ангеловски добил повик од Сашо Тасевски, кој му дал наредба да се упати во прес-салата оти животот на Спасовски, а и на обезбедувачите, биле во опасност.

„Се обидовме да влеземе, но сѐ беше затворено. Се обидовме на крајот од пријавница и видовме околу 500-600 граѓани, а еден од нив извика ‘држете ги, овие се од обезбедувањето на Спасовки‘. Успеавме да влеземе од главниот влез. Бидејќи 10 години работев обезбедување на шест претседатели на Собранието и две години внатрешно обезбедување на Собранието, го знаев најкраткиот пат до прес-центарот.

Кога влегов внатре, Оливер го видов во ќош. Имаше толпа народ, луѓе со фантомки, кои маваа со клупи, столици, маси. Толпата беше многу агресивна. Застанав пред министерот за да го заштитам, а дел од колегите застанаа пред мене за да нѐ бранат со жив ѕид. Случувањата внатре беа ужасни. Со шипка ми ја расцепија главата, а Спасовски постројано вртеше на мобилен телефон. Јас успеав да свртам кај Велковски, кажувајќи му да прати помош оти ‘овде ќе нѐ убијат‘. Тој ми прозборе нешто но од големата галама воопшто не успеав да го чујам. Ми се чини дека нападите ги командуваа лицата со фантомки. Спасовски беше со скршен нос, а Заев беше расечен. Мета на овие агресивни луѓе беа Петре Шилегов, Зијадин Села, Зоран Заев и уште неколку други пратеници“, раскажуваше сведокот Ангеловски.

При нападите лицата, кога не успевале да стасаат до Спасовски и до неговите обезбедувачи, меѓу кои бил и сведокот, со кабли правеле јамки и ги фрлале кон нив за да ги извлечат од толпата. За да ја оттргне толпата од министерот Спасовски и од оние што се наоѓале околу него, сведокот Ангеловски се обидел прво со службена легитимација и со зборовите ‘полиција, отстапете‘, но како, што кажа пред судот, толпата воопшто не обрнала внимание на тоа, па извадил пиштол и без наредба од никого, на своја одговорност, испукал куршум во плафонот.

„Испукав без наредба заради застрашување и заради помош. Го употребив членот 89 став 5 од Законот за полиција, кој ми дозволува да употребам оружје за да се спречи напад врз објект или личноста што ја обезбедувам. Знаев како е реновирана просторијата каде што се наоѓавме, односно дека плафонот е од гипс-картон и водев грижа куршумот да не се одбие. Кратко по ова толпата се повлече, но потоа повторно нѐ нападна, уште поагресивно. Лице со фантомка ми удри четири бокса, по што ми пукна горната усна, која потоа беше сошиена со неколку конци. Крварев, бевме истоштени, баравме вода“, сведочеше Ангеловски.

Во овие моменти, кои според неговото сведочење, биле најтешки и веќе не можеле да се справуваат со толпата, две лица од кои едниот му бил колега, се доближиле до него и се обиделе да му го одземат пиштолот. На колегата Ангеловски му возвратил со зборовите: „Што мислиш дека правиш?“, по што, како што рече, го вратил оружјето во футрола.

Видно вознемирен, вдишувајќи и со солзи во очите, Ангеловски пред судот го продолжи своето сведочење, раскажувајќи дека пратеникот Ѓорчев, кога го чул истрелот, влегол во прес-салата да ги брани како жив штит.

„Ѓорчев влезе внатре и викаше по луѓето. Дел од нив ги викаше по име, Тошта, Антонио Филевски, и за многу кратко оние што нѐ напаѓаа сега застанаа да нѐ бранат. Дел од оние што останаа во толпата му викаа ‘Влатко, и ти ли се предаде, и тебе ли те купија, и ти ли стана комуњар?‘. Јас го молев да не нѐ остава. Со него сум близок и долго го познавам. Тој на ова ми возврати ‘Не, Ацо не ве оставам, ќе бидам тука до крај‘“, сведочеше низ солзи Ангеловски, а судијката Кацарска неговата вознемиреност ја внесе во записник.

По ова Ангеловски рече дека чул експлозија и биле евакуирани во канцеларијата на Ѓорчев. Веќе почнал да губи свест и кога влегла Брзата помош не успеал да препознае дека луѓето околу него се лекари. Раскажа дека докторите му ставале инјекции, а тој им велел ‘немојте да ме труете‘.

Бидејќи бил најтешко повреден, оние што се наоѓале во просторијата скршиле врата од плакар за да ја употребат како носилка и да го изнесат од Собранието за да биде однесен во болница. Но од толпата не успеале, па се вратиле назад. По ова направиле обид за евакуација низ гаражата, од каде што го ставиле во возилото на Итната медицинска помош. Внатре заедно со него биле и Радмила Шекеринска и тогашниот министер за здравство Никола Тодоров. Одовде Ангеловски бил однесен на КАРИЛ, каде што му ја сошиле главата, а потоа поради сомнеж за потрес на мозок бил препратен на неврохирургија.

Во сведочењето за неговата евакуација Ангеловски раскажа дека била скршена вратата од возилото на Итната медицинска помош, па возачот што го управувал возилото побегнал бидејќи се исплашил, а зад воланот седнал човек од обезбедувањето на Тодоров. Меѓу луѓето што помогнале во неговата евакуација Ангеловски го препозна обвинетиот Мунир Пепиќ. По препознавањето Пепиќ во судница му се заблагодари што успеал да се сети и што покрај тешките повреди го препознал дека му помогнал.

„Ви благодарам што се сетивте дека јас сум тој што ве изнесе од Собрание. И верувајте ми, точно знам како ви беше во тие моменти и сликата со вашите повреди сѐ уште ми стои пред очи. Драго ми е што гледам дека сте се опоравиле“, му рече Пепиќ на сведокот Ангеловски.