Сведочење на Нинџа: Наредбите за упадот во Собранието на 27 април доаѓаа од ВМРО-ДПМНЕ и полицијата


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


На денешното сведочење во рамки на судското рочиште за „крвавиот 27 април“, Александар Василевски-Нинџа изјави дека наредбите за упадот во Собранието доаѓале од ВМРО ДПМНЕ и од полицијата.

Иницијативата „За заедничка Македонија“ под која се организираа протестите била организирана од партијата, а водачите биле фиктивни. Ова на судењето за нарачателите за крвавиот четврток го тврдеше Нинџа, кој неправосилно е осудениот на осум години затвор за собраниските инциденти. Тој на 27 април бил во главниот штаб на ВМРО ДПМНЕ и видел поранешни владини и функционери на партијата. Тој забележал како тие преку телефон го координираат упадот во Собранието.

„Митко Чавков контактираше со тогашните началници. Тој му даде наредба на Митко Пешов полицијата да дејствува пасивно. Миле Јанакиески зборуваше со пратеници, разговараше со Крсто Мукоски. Спиро Ристовски со водачите на „За заедничка Македонија“ со Богдан Илиевски – Бетмен. Билјана Бришковска беше разочарана што Антонио, Илија и Јохан не предизвикаа инцидент, па на Трајко Вељаноски му нареди да се отворат вратите“, вели Александар Василевски – Нинџа.

По изборите, ако ДИК ги прифатела приговорите на СДСМ тогаш можело да се случи 27 април, рече Нинџа. А, по собраниските инциденти, во ВМРО ДПМНЕ со тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски се договарале пониски казни. Според Адвокатот Еленко Миланов, Нинџа не е релевантен сведок и петти пат дава различен исказ.

„Исклучува луѓе, внесува нови луѓе. Што сметам дека со неговата кредибилност не може да претставува сведок на кој може да му се верува и да се заснова пресуда“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Спротивен е ставот на обвинителката Русковска.

„Во интерес е да се утврди вистината. Во вкрстеното испитување одбраната не успеа ниту за милиметар да го збуни сведокот. Според мое мислење, сведокот ја кажуваше вистината. Спогодба не му била нудена“, рече Русковска.

Нинџа пред сведочењето потсети дека две и пол години добива закани по животот од политички – безбедносни структури.