Сведочење на командант Малишева: Пукав во самоодбрана, немам вина


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со сведочењето на Анди Красниќи познат како командант Малишева денеска продолжи судското рочиште за Диво Насеље. Малишева и пред обвинителството и пред одбраната  изјави дека не се чувствува виновен за настанот кој тврдеше дека е политички монтиран, но додаде дека пукал во полицијата за да се одбрани.

Второобвинетиот истакна дека за доаѓањето во Куманово на таканареченото Друштво на ветерани на ОНА во кое членува и тој знаеле и високи партиски функционери на ДУИ меѓу кои и Ејуп Алити познат како Секретар за спроведување на Охридскиот рамковен договор, и Садула Дураку актуелен градоначалник на Липково. Посочи и на телефонскиот разговор кој сега веќе починатиот командант Ндрецај го имал со претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи во изјава за медиумите а повикувајќи се на изјавата која ја даде командант Малишева во судот истакна дека групата која дошла од Косово била нападната без да биде предупредена а нивниот влез во државата го следело и МВР кое, како што истакна обвинетиот, најверојатно знаело за нивното доаѓање.

Биле запознаени за разни структури, дури и за припремата и со самото пристигнување на групата, и дека тоа го знаеле и припадниците на Министерството за внатрешни работи. Практично, таа група била следена и пред пристигнувањето. Од исказот на овој обвинет произлезе дека воопшто не била целта како што е тоа прикажано во диспозицијата на обвинителниот акт, а подоцна и дека имале намера да извршат разноразни кривични дела, атентати, рушење брани и така натаму, изјави Насер Рауфи.

Малишева исто така ја објаснуваше и трасата по која дошле, односно дека влегле преку премин меѓу Косово и Македонија кој не е признаен од Македонска страна каде најпрвин ги пречекал човек и ги спровел до првото село . Тврдеше дека целта им била преку соопштение да упатат порака до македонските политичари да почнат да го имплементираат Охридскиот рамковен договор , но и албанците да се обединат околу црвено црното знаме. Сепак призна дека кога навлегле подлабоко во шумата откако го поминале Белановце  биле однесени до местото каде ги чекало оружје и опрема.

Следното рочиште за овој судски процес е закажано за 27 март.