Суспензија за двајцата и кривична пријава за едниот – санкционирани полицајците кои применуваа прекумерна сила врз цивил


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Двајцата битолски полицајци заработија суспензија од работните места откако вчера на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како еден од нив тепа неколкумина Роми од Битола. Полицаецот кој тепал дополнително доби и кривична пријава, објави денеска на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Непосредно по објавувањето на оваа видео на Фејсбук беше објавена и снимка за која се тврди дека е направена во Скопје, а на која се гледа како полицајци претепуваат за сега неидентификуван човек. Од МВР нема потврда за настанот како и кога е направено ова видео.

По објавувањето на двете видеа јавноста врие. Реакции пристигнуваат од сите страни. Премиерот Зоран Заев денеска го осуди непрофесионалносто однесување на битолските полицајци.

Веднаш реагираа и од невладиниот сектор. Од Хелсиншкиот комитет изразија загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз граѓаните Роми. Потсетуваат дека овој инцидент во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомниците кои живеат под железничката станица во Скопје.

„Видеоснимката од полициската бруталност врз припадник на ромската заедница, која се прошири на социјалните мрежи и медиумите, покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата. Ромите во земјата секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери.“ – велат од Хелсиншкиот комитет.

Со реакција се јави и Фондацијата Отворено општество – Македонија која остро го осуди насилството и непрофесионалното однесување на полицајците и побара итна, темелна и брза истрага од МВР и Јавното обвинителство.

Мрежата за заштита од дискриминација МАРГИНИ во својата реакција меѓу другото вели дека праксата на неказнивост на полициските службеници е клучна причина за злоупотребата на моќ за да се малтретираат и понижуваат припадници на маргинализираните групи.

„Овие случаи говорат за постоење на расистички предрасуди и го потврдуваат самоволното, непрофесионалното и незаконското постапување на полициските службеници. Бараме измени на Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи.“ – велат од Маргини.

Граѓанската асоцијација „Аваја“, која прва го објави видеото организираше видео вклучување на кое сведочеа Ромите кои беа претепани од полицајците во Битола.

Според нив настанот се случил во вторникот, 22 септември кога тие поднапиени направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина имало сообраќајна полиција, која без никаква причина ги извадила од автомобилот и започнала брутално да ги тепа. Дополнително во полициската станица биле задржани до 5 часот наутро, навредувани и вознемирувани со различни недолични изрази.

Според податоците на Народниот правобранител во 2019 година оваа институција отворила три случаи на полициска бруталност а во 2020 на три месеци пред истокот на годината се отворени 15 вакви случаи. Од невладината „Аваја“ за утре напладне во Битола најавија протест против полициската бруталност врз Ромите.