Суштински измени и имплементација на Законот за безбедност и работа се нужност


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Законот кој е донесен во 2007 година и кој е усогласен со европското законодавство не се применува целосно. Оттогаш се направени и чести измени на овој закон, но со нив само се нарушени основните принципи, а да не зборуваме за одредени одредби во членовите кои имаат колизија.

Групацијата за безбедност и здравје при работа смета дека во Македонија не постои сериозен пристап кога станува збор за ова прашање. Потпретседателот на Групацијата, Борче Стојчевски, на денешната прес-конференција истакна дека Законот за безбедност и заштита при работа е донесен пред десетина години, а фирмите членки на Групацијата постојат 6 години, но за овој период речиси нема никакви поместувања во оваа област, односно не се исполнети основните принципи за безбедност и здравје при работа.

Законот кој е донесен во 2007 година и кој е усогласен со европското законодавство не се применува целосно. Оттогаш се направени и чести измени на овој закон, но со нив само се нарушени основните принципи, а да не зборуваме за одредени одредби во членовите кои имаат колизија. На ова прашање се осврнуваме токму денеска, на стартот на изборната кампања, со надеж дека која влада и да дојде на власт во Македонија ќе има намера да ги слушне стручните лица и компаниите кои се задолжени да се спроведе во целост Законот за безбедност и здравје при работа. Досега имавме многу малку разбирање, за што директен показател е зголемениот број на несреќи и лица починати при работа. Овие бројки се во постојан пораст, рече Стојчевски.

Анализата што ја направила Групацијата за безбедност и здравје при работа во текот на изминатата година, како што потенцираше Стојчевски, покажува дека стручните лица кои треба да спроведуваат обуки за безбедност и здравје при работа на вработените во сите фирми и компании не се и самите доволно стручни.

Само лице кое положило стручен испит за безбедност и здравје при работа во Министерството за труд и социјална работа може да врши ваква дејност. Лани испитот го положиле 55 лица. На 48 члена кои ги содржи постојниот Закон за безбедност и здравје при работа, ние додадовме уште толку членови во кои е наведено како се полага стручниот испит. За жал, нема ниту „С“ од стручност кај лицата што го положиле испитот. Затоа, како компании се обидуваме да пронајдеме стручни кадри кои сериозно ќе ја унапредат безбедноста при работа. Засега лицата успеваат да поминат само 14 часа годишно во фирмите каде што треба да ги обучат вработените како да бидат безбедни на работното место, но тоа е премалку бидејќи не е возможно за ова време ниту да се направи процена на ризик, ниту пак да се направат одредени мерења во зависност од тоа што постои како проблем во компаниите, на пример бучава, вели Стојчевски.

Проблемот исто така лежи во неможноста континуирано да се следи здравјето на вработените. Ниту во Македонија, ниту пак во земјите од регионот не постои законска регулатива со која ќе може да се утврдат и да се дефинираат професионалните заболувања, посебно професионалниот канцер. Стојчевски рече дека во согласност со Законот за инспекција на труд, во текот на годината инспекторите од оваа институција имаат време од 118 минути да спроведат посета на фирмите во кои постои најголем ризик при работа, а тоа, според Групацијата за безбедност и здравје при работа, не е доволно. Стојчевски вели дека за тоа време инспекторите не можат да се запознаат со условите во фирмата, а не пак да ја разгледаат целокупната потребна документација.

Поради пропустите во постојната законска регулатива, Групацијата за безбедност и здравје при работа смета дека во Македонија е потребно да се донесе нов закон кој реално ќе ја унапреди безбедноста при работа.

Ќе побараме промена на Законот за безбедност и здравје при работа и тој ќе мора навистина да функционира. Исто така, ќе мора да се направат и измени во промена на подзаконските акти кои се недоречени и во голем дел конфузни. На пример, работиме со правилници за мерење на микроклиматски услови од 1967 година, а постојат нови стандарди кои се веќе усвоени од страна на Република Македонија. Исто така бараме и координација меѓу министерствата при дефинирање и носење на законската регулатива со цел поголема ефикасност при унапредување на безбедноста при работа, рече Стојчевски.

Целта на сето ова е да се заштити вработеното население во Република Македонија, да се намалат ризиците и опасностите на работните места, да се намали бројот на повреди, професионални болести и секако да нема жртви на работните места.