Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Осумдесет и шест милиони евра ќе бидат вложени во обнова на 26 патни правци, дел автопати, а поголем дел регионални, во вкупна должина од 420 километри, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Реконструкцијата на патната мрежа ќе се одвива во наредните година – две.
– Голем дел од овие патишта ги ветивме во нашата програма, а дел се нови за кои обезбедивме средства од меѓународни финансиски институции – рече Сугарески на прес-конференција во Владата.
Со инвестицискиот циклус за обнова на патиштата е предвидена обнова на автопатските делници Миладиновци-Петровец, во должина од осум километри, со проценета вредност од 1,5 милиони евра, Хиподром-Петровец и Миладиновци-Хиподром од кои делници ќе се обновуваат по 10 километри со инвестиција од по 4 милиони евра.
Како што информира Сугарески, ќе се проширува левиот коловоз и ќе се обновуваат двата коловоза на патот Катланово-Петровец во должина од 6,5 километри со проценета вредност од 5 милиони евра, а по шест милиони евра ќе бидат инвестирани за обнова на 18 километри од патот Пробиштип – Крупиште и на третата лента на патниот правец Фаришка клисура Прилеп во должина од 23 километри. Четири милони евра ќе изнесува реконструкцијата на 20 километри од патниот правец Маврови анвои – Жировница, а 3 милиони евра на патот Штип-Радовиш во должина од 20 километри. Ќе се обновуваат и 13 километри од патот Кривогаштани-Крушево (два милиони евра), 16 километри од делницата Карпалак -Желино (2,5 милиони евра).
По три милиони евра, според најавата, ќе бидат вложени за обнова на патот Скопје-Блаце во должина од 12,5 километри, Крива Паланка – Ранковце во должина од 21 километар, како и Подмолје-Струга-Ќафасан во должина од 19 километри.Најавена е реконструкција и на патиштата Куманово-Свети Николе во должина од 18 километри, и Крушево-Демир Хисар, во должина од 24 километри на кои делници ќе се инвестираат по 3,5 милиони евра за реконструкција на 20 километри на патот Куманово-Велес се предвидени 3,2 милиони евра. Во планираните за обнова се и делниците Велес-Градско-Неготино-Демир Капија во должина од 25 километри и проценета вредност од 4 милиони евра, Другово -Демир Хисар во должина од 42 километри и вредност од 7,5 милиони евра. Патот Кичево-Макеоднси Брод во должина од 25 километри исто така дел од пакетот планиран за обнова и таму ќе бидат вложени пет милиони евра.
Како што потенцираше Сугарески, програмска определба на Владата е квалитетно подобрување на патната мрежа во Македонија и подигнување на безбедноста на патиштата на повисоко ниво.
– Ќе продолжиме со реконструкција и изградба на сите патишта со состојбите кои ги затекнавме и за кои веќе информиравме за настанатите проблеми. Целиот овој период го поминавме во отстранување на таквите состојби за да може во наредниот без никакви проблеми да течат изградбите на терен – рече Сугарески.