Судството и обвинителството ќе го бараат „кртот“ кој го копирал сведочењето од Камчев


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако во јавноста беа пуштени фотокопирани примероци од официјален документ, записник од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев во рамки на случајот „Рекет“, кога тој го пријави рекетирањето од Бојан Јовановски, денес од македонското судство и обвинителство ќе се истражува кој овој документ го пуштил во јавност. излезе во јавноста.

Се работи за документ од истрага и за неговото објавување од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција велат дека е кривично дело. Од судот и од обвинителството најавуваат дека денеска ќе се обидат да го најдат „кртот”.

Сите се согласни дека ова објавување нема да ја искомпромитира истрагата за случајот „Рекет“, но неопходно е брзо да се најде сторителот на овој престап и да се побара негова одговорност. И други снимки, аудио и видео, поврзани со овој случај беа објавени на интернет страницата на италијанскиот весник „Ла верита“.

На копијата од првата страница од записникот (само таа беше објавена) од сведочењето на Камчев (2 мај) пишува за тоа како почнале средбите со Боки 13 и како сумите за различни проекти се движеле од 2 до 8 милиони евра. Интернет порталот „Инфомакс“ во прераскажувањето на другите страници од овој записник пишува дека функционери на владејачката партија СДСМ, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и на потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, се замешани во овој случај. Сите споменати функционери вчера побараа извинување и повлекување на текстот или најавија тужби против медиумите кои ова го објавија.

Од Обвинителството ја потврдуваат веродостојноста на овој документ, велат дека копијата е направена со мобилен телефон и дека документот можел да излезе само од кај нив или од кај судот.

Претседателот на Кривичниот суд,Иван Џолев, вчера најави дека денеска судот ќе направи интерни проверки за да утврди дали воопшто во судскиот предмет го има овој записник.

Овие случувања на социјалните мрежи ги коментираше и адвокатот Александар Тортевски, кој вели дека без правна држава не може да се дојде до билет за ЕУ и НАТО, а премиерот Зоран Заев, според него, на најтешкиот начин разбрал дека почитувањето на правото е највисокиот приоритет.

„Помилувањата и амнестиите им дадоа ветер во едра на криминалците, па сега може да излезе дека и промената на името била залудна. Без правна држава не те прима никој“, вели Тортевски.