Судскиот курир и денес во три наврати не успеал да го најде Груевски


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Судски доставувач утрово, во три обиди, не успеал да го најде Никола Груевски за да му го достави решението со кое се одбива барањето за одложување на издржување на затворската казна.

Доставувачот бил на адресата која е наведена во личната карта но никој не ја отворил вратата. Од Кривичниот суд информираат дека ќе се обидат да го достават решението до крајот на работното време и доколку повторно биде несупешно и не го пронајдат Груевски ќе побараат полициска асистенција. Според процедурата доколку и МВР не го пронајде ќе треба да се распише потреница.

Како можност да му се врачи решението останува судското рочиште за процесот „Титаник“, каде тој е првообвинет, кое е закажано за среда. На Груевски веќе еднаш му беше врачено на рака во судскиот хол, упатен налог за издржување на казната, бидејќи не беше достапен на наведената домашна адреса. Од судот или СЈО засега нема никакво објаснување кога и зошто е презакажано рочиштето кое според распоредот требаше да почне денес во 10 часот.

Од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари соопштија дека до судија за извршување на санкции во Кривичниот суд веќе испратиле известување дека Груевски викендов не се јавил доброволно во затворот на издржување на казната затвор од две години.

Во меѓувреме неговиот адвокатски тим грчевито се обидува да му издејствува одложување на издржување на двегодишната затворска казна.

Груевски е обезбедуван од неколкумина телохранители кои се службеници на МВР, но според законските прописи тие не се должни да ги известуваат надредените за движењето и локацијата на лицето кое го обезбедуваат. Од министерството не соопштија дали воопшто ја побарале таа информација.

Во домашната јавноста се почесто се поставува прашањето каде е Никола Груевски со оглед на фактот што тој од петокот не е виден во јавноста, не се огласил на социјалните мрежи, нешто што го практикуваше во последно време, ниту пак одговара на телефонските повици.

Од неговата матична партија остануваат на ставот дека Груевски е невин и дека е жртва на политички прогон.

Во петокот, Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1 донесе одлука со кое се отфрала барањето на Груевски за одложување на издржување на затворската казна од две години поради обврски во Собранието и пишување на книга поврзана со докторатот. Истиот ден судскиот доставувач неколку пати се обиде да му го достави решението на рака но без успех.

Извор: Гласот на Америка