Судот за човекови права во Стразбур пресуди дека Русија е виновна за смртта на бившиот руски шпион Литвиненко


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуда дека Русија е одговорна за атентатот на поранешниот руски шпион Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година.

Литвиненко, кој беше отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се разболе на 1 ноември 2016 откако испил чај затруен со полониум 210, редок и многу радиоактивен изотоп. Тој почина неколку дена подоцна во болница.

Британската истрага во 2016 година заклучи дека Путин веројатно ја одобрил операцијата на руските разузнавачи за убиството на 43-годишниот Литвиненко. Истрагата идентификува двајца Руси – Андреј Луговој, сега пратеник, и Дмитри Ковтун, како главни осомничени за убиството.

Во денешната пресуда, Судот во Стразбур наведува дека е утврдено „надвор од разумен сомнеж“ дека убиството го извршиле Луговој и Ковтун и оти постои силна индиција дека тие дејствувале како агенти на руската држава. Судот наведува дека Москва не дала „задоволувачки и убедливи“ алтернативни објаснувања, нити ги „оспорила заклучоците на британската јавна истрага“.

Двајцата мажи и Москва негираат вмешаност во убиството на Литвиненко, кој е поранешен офицер на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Тој ја напушти Русија во 1999 година, откако го откри наводниот план на ФСБ за убиство на тајкунот Борис Березовски.

Како олигарх близок до поранешниот руски претседател Борис Елцин, Березовски му помогна на Путин да дојде на власт во 2000 година. Но, кога Путин почна да ги ограничува политичките моќи на олигарсите, Березовски ја напушти Русија во самонаметнат егзил во Велика Британија, од каде што неговите критики кон Путин се зголемија.

Во 2006 година, кога Литвиненко беше отруен во Лондон, Путин потпиша закон со кој се овластуваат безбедносните агенции да извршуваат таргетирани атентати во странство.

Во јануари 2016 година, британскиот судија Роберт Овен, кој ја водеше истрагата за смртта на Литвиненко, рече дека е веројатно дека Путин, поранешен агент на КГБ, кој потоа беше на чело на ФСБ, ја одобрил операцијата. Овен рече дека е сигурен дека Луговој и Ковтун му го затруле чајот на Литвиненко при средбата во еден лондонски хотел.

Британските инспектори открија траги на полониум 210 во хотелите, рестораните и авионите користени од Луговој, кој наводно добил третман поради радиоактивно труење во Москва во декември 2006 година.

Луговој беше избран за член на Руската државна дума во 2007 година, а Путин во 2015 година му додели државен медал „за услуги кон татковината“.