Актуелно

Судот му додели 42.000 евра обештетување на Верушевски за притворот во „Пуч“

Бившиот прв човек на УБК, Зоран Верушевски, од судот доби одлука за обештетување од државата во висина од 42.000 евра за нарушен чест и углед и неоснован притвор.

Тој поднесе тужба за двата притвора со кои беше зад решетки во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје.

Како што рече судијката Јехона Садику во денешната пресуда, Верушевски, претрпел душевна болка поради неоснованото апсење и држење во притвор 344 дена за што беше доставен и психијатриски наод.

“Тужбата на Зоран Верушевски делумно се усвојува. Се задолжува државата да му исплати два милиона 580 илјади денари отштета за нарушена чест и углед и претпрпена душевна болка. Се задолжува државата да му ги исплати парите во рок од 15 дена од приемот на решението”, гласи одлуката на Основниот суд 2.

На донесената пресуда право на жалба има заменикот државен правобранител во име на државата, бидејќи колку побрзо ќе стане правосилна пресудата, толку помала сума ќе му исплати државата на Верушевски, бидејќи од денеска тече и камата на 42-те илјади евра.

Верушевски, кој не се појави во судот за да ја слушне пресудата, бараше отштета од државата во висина од 71 илјади евра.

Актуелниот советник за безбедност во владата на Заев пред судот велеше дека мотивот на тужбата е да се заокружи личната семејна голгота која му ја наметнала државата, со конструкција без преседан во историјата на државата.

Предметот „Пуч“ беше отворен непосредно пред објавувањето на т.н. бомби, а се однесуваше за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Екс разузнавачот беше во притвор од јануари до крајот на декември 2015та година, а предметот од редовното го презеде Специјалното обвинителство, кое потоа се откажа од случајот поради тоа што доказите за овој предмет биле во спротивност со тие во предметот “Таргет- тврдина”. Во “Пуч”, осомничен беше и сегашниот премиер.

Advertisements
To Top