Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Кривичниот суд не ги прифати барањата на Специјалното јавно обвинителство за притвор на пет лица во обвинението со кое се опфатени предметите „Тврдина“ и „Таргет“. Предлогот го отфрли како неоснован, но одлучи да им се одземат пасошите на обвинетите. Без пасош ќе останат екс директорот на УБК Сашо Мијалков и поранешниот началник во петтата управа во МВР, Горан Грујовски. Ќе имаат и обврска еднаш неделно да се јавуваат во судот. Мерки на претпазливост во овој предмет им се одредени на уште четири лица.
„Тврдина“ и „Таргет“ се основата во работата на Специјалното јавно обвинителство. Истражуваат кој е одговорен за масовното прислушување во кое таргет беа над 20.000 граѓани, додека тврдина ги истражува наводите за уништување на опремата за прислушување со цел да се уништат доказите.
СЈО покрена обвинителен акт против 4 лица. Најмногу кривични дела му се припишуваат на Горан Грујовски. Се товари за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.
Грујовски е првообвинет и во предметот „Тврдина 2“ каде заедно со шестмина вработени во управата за безбедност и контраразузнавање се теретат за уништување на документација поврзана со прислушувањето. Во овој предмет обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Против Сашо Мијалков и уште девет лица е покренат обвинителен предлог. Мијалков се товари за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание.
Со оваа одлука бројот на одземени пасоши во процесуираните предмети на СЈО се зголемува на 29, а против вкупно 35 лица се определени мерки за претпазливост. Одбиени се сите притвори кои ги побара Специјалното јавно обвинителство. Од таму најавија дека од понеделник одбиените притвори ќе ги обжалат пред Апелациониот суд.
Останува уште судот да одлучи за побараните мерки во предметот „Титаник“. Првиот предмет што го отвори СЈО, а кои се однесува на изборни нерегуларности. Во обвинителниот акт во кој обвинети се 20 лица, прообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Му се припишуваат кривичните дела, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања и повреда на избирачкото право.
Второобвинет е Мартин Протуѓер, веднаш по него Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на средства за финасирање на изборна камања и повреда на слободата на орпеделување на избирачите. Петтообвинетата Гордана Јанкуловска, освен тоа се товари и за повреда на избирачкото право.
Специјалното јавно обвинителство побара притвор за сите петтмина, а мерки на претпазливост за 16 лица. Од судот велат дека во текот на утрешниот ден одлуките ќе и бидат соопштени на јавноста.
Откако судот ќе одлучи за мерките, обвиненијата одат на оценка на обвинителниот акт. Обвиненијата во предметите „Тврдина“ и „Титаник“ ќе ги оценуваат судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски.
Стефановски е познат по случајот „Монструм“ и по тоа што му пресуди на Јован Вранишковски. До декември минатата година му беше заменик на тогашниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски
Бошевски, пак, ќе ги оценува и обвиненијата за предметите „Трезор“ и „Тенк“. Веќе го одобри обвинението за предметот „Транспортер“ во кој првообвинет е градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талевски.