Судир на Истокот и Западот преку Мадуро и Гуаидо: ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ВЕНЕЦУЕЛА?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Венецуела е на работ од граѓанска војна, откако и Николас Мадуро и Хуан Гуаидо се прогласија за претседатели на државата, а преку нив и нивните поддржувачи, се случува вистински судир на политиките на Истокот и Западот. Гуаидо е признат и поддржан од САД и ЕУ, а Мадуро од Русија, Кина и Турција.

Венецуела, која истовремено е најбогата земја со нафта во Латинска Америка, но и најсиромашна на континентот, е на чекор од граѓанска војна кон која ја туркаат двете главни политички струи кои дојдоа во институционален и граѓански конфликт откако спикерот на парламентот Хуан Гуаидо и лидер на опозицијата се самопрогласи за В.Д. претседател, и со тоа тргна во отворена конфронтација со досегашниот претседател Николас Мадуро.

Прогласот Гуаидо го направи пред собир на приврзаници на опозицијата, а неговиот легитимитет набрзо беше признаен од САД, ЕУ и организацијата на американски држави.

„Пред Господ, Семоќниот, Венецуела, со почит кон моите колеги во националното собрание, се колнам дека формално ги преземам национално извршните овластувања како претседател одговорен за Венецуела“ – изјави Николас Гуаидо.

Како одговор претседателот Никола Мадуро кој е на власт скоро една деценија, ги протера сите американски дипломати од земјата. Во говор пред неговите приврзаници, тој порача дека прогласот на Гуаидо нема легитимитет и ги повика неговите следбеници да не потклекнат пред империјализмот.

„Во согласност со моите функции, се колнам пред народот дека ја почитувам и ќе ја почитувам независноста и суверенитетот и мирот на републиката, и одлучив да ги прекинам дипломатските и политичките односи со империјалистичката влада на САД“ – изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.

Мадуро нареди персоналот на американската амбасада да ја напушти земјата во рок од 72 часа. Сепак, државниот секретар Мајк Помпео истакна дека Мадуро веќе нема авторитет да издава такви наредби.

Трамп отворено го предупреди Мадуро дека „сите опции се на маса“, доколку нема мирна транзиција кон демократија во Венецуела.

Сепак, официјални претставници од Белата куќа објаснија дека Трамп нема да издаде никаква наредба за поморска блокада или за друга воена интервенција, доколку Мадуро примени насилство врз демонстрантите или ако преземе какви било акции против Гуаидо.

Најверојатен потег од страна на Вашингтон би биле засилени санкции против членовите на владата на Мадуро.

Доколку ситуацијата продолжи да се влошува, големи се изгледите администрацијата на Трамп да воведе санкции и врз нафтениот сектор на Венецуела.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди дека ситуацијата во Венецуела може да прерасне во катастрофа, доколку главните политички ривали не постигнат договор.

Обраќајќи се на Светскиот економски форум во Давос, Гутереш истакна дека „има место за дијалог и на тој начин ќе се избегне ескалација на настаните што можат лесно да одведат во конфликт што би бил катастрофален“ за луѓето на Венецуела и во регионот.