Судиите и судската администрација сепак добија плата пред Велгиден, но без покачувањето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Судиите и вработените во судската администрација треба да добијат плата денеска до 16 часот, но без покачувањето од 10 отсто, коешто им беше ветено дека ќе го добијат со мартовската плата, потврдија од Судскиот совет. Вчера, нивните плати, кои и онака доцнеа неколку дена, беа прекнижени и се вратија назад по старо. Покачувањето е избришано, а министерот за финансии Кирил Миноски, го известил претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски дека пари за ветеното покачување, нема овој месец во касата.

Веста за покачувањето на платите на судиите и на судската администрација ја објави на 28 март годинава претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, кој раководи и со судскиот буџет. Тој ден, на итна седница, Судскиот совет донесе одлука за зголемување на платите, поради незадоволството во судството што обвинителите и обвинителската администрација земаа повисоки плати за 20 отсто, а тие не.

Претходно денеска, со соопштение се огласија Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) и Здружението на судската администрација (ЗСА), кои го обвинија претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски за неодговорно однесување и политиканство, поради кои, како што велат од УПОЗ и ЗСА, вработените во судовите не само што не го добија ветеното зголемување од 10 отсто, туку и останаа без плата пред најголемиот христијански празник Велигден.

УПОЗ и ЗСА потсетија дека дека Караџовски на 6 април помпезно најави дека работените во судовите за месец март ќе добијат покачување од 10 насто, а покачувањето ќе се случува месец за месец, зависно од тоа колку пари ќе има во буџетот.