Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Министерката за култура Ирена Стефоска денеска ги повика граѓаните и компаниите да помогнат за санација на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, која со децении е запуштена и пропаѓа пред очите на студентите.
– Децениската негрижа кон оваа ризница зборува за сите нас. Ги повикуваме медиумите, а со тоа и јавноста, не за да бараме изговор за лошата слика таму туку да замолиме за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство и кој бил дел од нашето студентско минато – изјави министерката Стефоска при денешната работна посета на НУБ „Свети Климент Охридски“.
Придружувана од новата в. д. директорка, Јелисавета Костадинова, министерката Стефоска информираше дека од пред неколку недели НУБ „Свети Климент Охридски“ има нов тим. Формирана е специјална работна група за утврдување на состојбата во НУБ од сите аспекти, која изготвува план за ревитализација на Библиотеката.
– Архитекти и градежни инженери веќе направија проверка на проектот за санација на покривот и бидејќи сė е во ред со проектот, тој влегува во програмата за следната година. Се прави пресек на финансиско-нормативното работење на НУБ „Свети Климент Охридски“ – рече Стефоска.
Таа додаде дека почнува процесот за прогласување на библиотечниот материјал за Културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување, како и вложување во стручен кадар, во опрема и во збогатување на содржината на библиотечниот фонд.
– Процесот на враќање на достоинството на овој репрезентативен објект со бесценета содржина започна. Сакам да истакнам дека НУБ не е само покривот и не се само новите столчиња. НУБ „Свети Климент Охридски“ е многу повеќе. НУБ е емоција. Нема да сме првите во светот кои на ваков начин ги поткрепиле своите национални библиотеки. Веќе водиме разговори со одредени донатори зашто ова е голема работа и само сите заедно ќе успееме да ја кренеме на нозе Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – рече Стефоска повикувајќи ги сите општествено-одговорни компании и поединци да се приклучат, да бидат дел од онаа генерација што ја ревитализирала Националната и универзитетска библиотека.
Костадинова упати апел за поддршка од општествено–одговорната јавност, особено потребна во делот на санација на посебните читални, нивно осовременување и комјутеризациј, а кои некогаш служеле за научно-истражувачка работа.
Таа информираше дека покрај тоа што е расчистено предворјето на НУБ, расчистено е и внатре, а спомена дека е неопходна чуварска служба. Костадинова ги посочи архивите на весникот „Нова Македонија“ и напорите да се дигитализираат за полесно искористување на овој драгоцен новинарски архивски материјал.
Костадинова информираше дека веднаш по завршувањето на изборите, ќе почне реализацијата на проектот за санирање на една од читалниците, за што се одобрени средства за оваа година, а санацијата на покривот ќе биде следната година.
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ е една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944 година.