Ставот на Бранко Црвенковски за референдумот – еве како ќе гласа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што сметам дека е нужност од која во даденава ситуација нема бегање.

Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми. Нормално е дека кај секој разумен и одговорен човек кога се работи за вака важно прашање постојат дилеми. Деновиве многумина ме прашуваа дали јас би потпишал таков договор. Мојот одговор е дека во овој момент тоа е апсолутно небитно“ вели меѓудругото во својата писмена изјава поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски.

Црвенковски вели дека „Потписот е ставен и после тој чин враќање назад нема. Ниту во иднина оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор, ниту меѓународната заедница (барем оној дел кон чие друштво се стремиме) ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на превземените обврски.
Постојат многу причини зошто сум длабоко убеден дека Евро-атлантските интеграции се единствената добра опција за нашата иднина. Повеќето од нив се безброј пати повторени и објаснети во јавноста“.

„За жал, во овие 27 години ние покажавме дека немаме сопствен капацитет да спроведеме квалитетни реформи во општеството без сериозен притисок и мониторинг од надвор. И за тоа чувствувам и голема лична одговорност. Со други зборови, ако сакаме средена и уредена држава, процесот на наше интегрирање во НАТО и пред се во ЕУ и исполнувањето на зададените норми и стандарди низ тој процес е, ако не целосна гаранција тогаш сигурно нашата најдобра шанса и можност за остварување на таа цел. Добрите меѓуетнички односи се клуч за стабилноста и предуслов за се друго во Република Македонија. Евентуалната подолготрајна наша бесперспективност на планот на Евро-атлантските интеграции, наспроти успесите на овој план кои ги прават и ќе ги прават нашите соседи, порано или подоцна ќе претставува потенцијален ризик за нашата внатрешна стабилност. Тој ризик мора благовремено да го елиминираме“ вели Црвенковски во писмената изјава.

Екс-претседателот и премиер на Македонија потенцира дека „На овој референдум ќе се одлучува, не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината како држава ќе го избереме.
На 30ти септември, и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми ќе го послушам сопствениот разум и ќе гласам ЗА!“