Статија на Фајненшл Тајмс: Разочарани од Брисел, балканската политичка тројка отвора сопствена безгранична зона


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија упатија серија остри критики до Брисел поради бавното темпо на проширување на ЕУ и ветија дека ќе продолжат со планот за слободна патничка и деловна зона меѓу своите земји, додека чекаат блокот да ги прими.

Тие за британски Фајненшл тајмс изјавија дека денес ќе ги откријат деталите за таа иницијатива.

„Знаеме дека постои замор од проширувањето на ЕУ. Мораме да видиме што можеме да направиме за себе (наместо тоа), што можеме да направиме за нашиот народ, како да ги прошириме нашите пазари“, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Мини-Шенген е заедничка иницијатива на Србија, Албанија и Македонија од 2019 година и се однесува на слободниот протек на стоки, капитал и луѓе. Покана за членство беше испратена и до Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Македонскиот премиер Зоран Заев изрази фрустрираност затоа што „ЕУ не ги исполнува своите ветувања“ и додаде: „Ние мора да ги забрзаме практичните придобивки за нашите граѓани“.

Новореизбраниот албански премиер Еди Рама ја спореди соработката со Брисел со драмата на Семјуел Бекет „Чекајќи го Годо“, во која двајца мажи често водат апсурдни разговори, чекајќи го доаѓањето на некој што никогаш не доаѓа.

Балканскиот мини-Шенген, по примерот на режимот на ЕУ без граници, денеска ќе биде официјално претставен, пишува ФТ. Тој ќе вклучува постепено олеснување на ограничувањата за патување, побрзи „зелени ленти“ на границите, намалено време на чекање за камионите и побрз пристап до работни дозволи.

Српскиот лидер рече дека балканскиот регион не може веќе да чека ЕУ да го обедини, разорен од етнички и верски конфликти и слаби економии уште откако бивша Југославија се распадна по 1991, вели ФТ.

Вучиќ најави дека името на иницијативата ќе биде сменето на регионалниот економски форум во Скопје, „затоа што ние немаме никаква врска со Шенген“.

Весникот посочува дека земјите од регионот мора да постигнат значителен напредок за да влезат во ЕУ, како што се изборни, судски и економски реформи, но дека тие исто така сметаат дека „овој официјален пат стана премногу тежок“. Тој потсетува дека Вучиќ дојде на власт на платформата за застапување за влез во ЕУ, но дека, како и неговите колеги, тој е сè повеќе фрустриран од блокот.

Целта на малата безгранична зона беше да се смени наративот за регионот, и внатрешно – да се ублажат етничките тензии, и однадвор – да се апелира за членство во ЕУ и дополнителни инвестиции, рече Вучиќ.

„Кога луѓето ќе имаат поголеми плати…, тие ќе мислат на подобар живот, а не на сенките на минатото“, рече тој за ФТ.

Заев: ЕУ нека се јави кога ќе се реши

Заев рече дека Брисел го „предаде“ регионот. Тој во вторникот повтори дека неговата земја ги исполнила критериумите за почеток на преговорите и дека ЕУ треба да се јави кога ќе реши да ги почне.

„Веќе кажав, тоа е работа на ЕУ. Кога ќе решат да го продолжиме овој процес, нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизација тука“, рече Заев пред новинарите.

„Крајната цел е да се биде членка на ЕУ. Но додека ЕУ да се реши… ние мора да најдеме начини… да го продолжиме процесот на европеизација.“

Рама рече дека тие напредуваат без другите балкански држави со цел да „дадеме пример и да не заглавиме во мала карикатура на ЕУ, каде што за сѐ ви треба консензус и секој може да блокира преку вето“.

Европската комисија, која го води процесот на оценување на напредокот кон членството во ЕУ, рече дека ги поддржува напорите за интегрирање на сите шест земји од Западен Балкан во заеднички регионален пазар, сличен на единствениот пазар на ЕУ, со примена на правилата и стандардите на блокот. „Крајната цел, пристапувањето во ЕУ, не е променета“, рече портпаролот на комисијата.

Што се однесува на бавното темпо на пристапување во ЕУ, ЕК рече дека ги повикува националните влади да продолжат напред „што е можно поскоро“ со Албанија и Македонија, за кои се очекуваше дека ќе почнат преговори минатата година.

ФТ пишува дека, дури и да почнат преговорите, политичката волја за проширување на ЕУ е многу слаба кај главните членки на блокот, особено додека германската канцеларка Ангела Меркел – поддржувач на балканската интеграција – ја напушта политичката сцена по изборите во септември.

Сите тројца балкански лидери посочија дека, додека тие ја чекаат ЕУ, САД дадоа целосна поддршка на нивните напори, пишува британскиот весник.

„Балканот каков што го имаме денес е можеби најсветлиот – ако не и единствениот светол – пример за американската надворешна политика“, рече Рама. „Слободите што ги уживаме на Балканот денес… се пред сѐ нивна творба“.

Аналитичарите предупредуваат дека како што минува времето – Македонија е кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, Србија девет, а Албанија седум – атрактивноста на другите потенцијални партнери може да расте.

„Освен Кина и Русија, во регионот се активни и Турција и Обединетите Арапски Емирати“, рече Иван Вејвода, виш соработник на Институтот за социјални науки во Виена. „ЕУ мора да биде свесна дека остави простор за влез на тие земји и дека мора да биде поефикасна.“

Извор: Мкд.мк