Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Стравичните пожари кои пустошеа во околината на Сплит на почетокот од минатата недела зад себе оставија апокалиптични сцени од изгореното земјиште.
Но, една глетка посебно паѓа во очи среде таа земска апокалипса: Некаде на средината од кањонот Виларе, кој се протега од Жрновница кон Срињине, една парцела среде спепеленото земјиште остана недопрена од пожарот. На неа се наоѓа камп-куќичка, приколка и маслинки. Како тоа парче земја успеа да остане недопрено од разбеснетите огнени јазици – тоа се прашуваат сите кои сцената ја виделе во живо или на фотографија.
Новинар од „Слободна Далмација“ отиде на терен и го најде сопственикот на земјиштето кое остана недопрено од пожарот. Газда на тоа место е 59-годишниот Никша Барбариќ, кој на тие 750 квадратни метри чува пчели и маслинови стебла, а сето тоа е опкружено со рузмарин и лаванда. Тој „чудото“ го објаснува со еден стар трик.
„Што направив? Ништо посебно. Дваесетина дена пред пожарот добро го искосив земјиштето, ништо друго. А бидејќи со мојата парцела завршува патот кон исток на Виларе, тоа беше и последната линија од одбраната кон Жрновница, таму чекавме со пожарникарите од Жрновница, кои мораа да заминат кога стана очигледно дека пожарот се приближува кон сите околни населби. Кога видовме дека огнот доаѓа, се послуживме со еден стар трик: Превентивно запаливме еден појас од три метра со трева кон огнениот фронт и веднаш го изгаснавме, па така, пожарот ја одмина оваа ограда. Но, ми изгореа околу 2.000 квадрати кои не можев да ги одбранам. После пожарот во 2011 година израснаа многу млади борови кои горат како бензин“, објаснува тој за „Слободна Далмација“.
Барбариќ вели дека маслинките се стари осум години, и тамам требало да го дадат првиот род, ги „изгорела жештината“ и дека не знае што ќе биде со маслиновите стебла, иако истите ги спаси од јазиците на огнот.
„Шеесетина стебла кои беа близина на оградата не се спасија. Сега сè одново. Би било доволно само добро да се искоси и да се исечат смреките и боровите за да се спаси парцелата. Идеално би било кога луѓето нешто би посадиле, па би имале и повеќе интерес за заштита. Вака, никој не е заинтересиран, а боровината го влече пожарот“, вели Барбариќ, предупредувајќи дека некогаш немало што да гори бидејќи овците и козите сето тоа го имале избрстено.
Тој додава дека некогаш таму растел домашен, црн бор, кој не бил запаллив како сегашниот алепски бор.
На Барбариќ „шлемови до земја“ му симнаа и пожарникарите од Брач.