Станушината и македонскиот мед на „Тера Мадре Балкан“ во Брисел


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Галички кашкавал, виното од сортата „станушина“ и мед од македонска медоносна пчела се само дел од нашите традиционални производи што ќе се дегустираат на 5-от по ред „Тера Мадре Балкан“ во Брисел.

Годинашната средба на мрежата на организациите на Слоу фуд од Регионот почнува денеска и ќе трае до 23 мај.

Во кантината на Европскиот парламент ќе бидат изложени и слаткотото од диви смокви и буковската пипер кои, исто така, се очекува да бидат дегустирани од учесниците на средбата.

Во Брисел на „Тера Мадре Балкан“, меѓу деветте земји од Регионот е и Македонија, со своја Слоу фуд делегација составена од производители, готвачи, експерти, активисти и претставници на Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие ќе учествуваат на дебатите во чиј фокус годинава се националните регулативи за традиционалните производители и нивното прилагодување кон ЕУ легислативата.

„Тера Мадре Балкан“ официјално почнува утре, со презентацијата „Oстров на вкусoвите од Балканот“ на која ќе бидат дегустирани нашите производи, по што следува првата работна сесија „Потенцијалот на Западен Балкан за одржлив и рурален развој како двигател во европската интеграција“. На сесијата ќе биде презентирана регионалната соработка во земјоделството и руралниот развој, а ќе стане збор и за потенцијалот и предизвиците на Западен Балкан на ова поле.

Вечерта е резервирана за Слоу фуд готвачите. Домаќините, членови на Алијансата на готвачи, заедно со гостите-готвачи од Балканот, исто така дел од Алијансата, ќе креираат менија преку кои ќе биде доловено богатството на балканското гастрономско наследство. Ќе се готви во девет различни ресторани во Брисел. Нашиот, македонски претставник, готвачот Дејан Карапеев ќе готви со францускиот колега Оливие Каузабон во неговиот ресторан „Чез аугуста“.

Настанот е најавен на фејсбук страницата на „Чез аугуста“ на 14 мај, како и на фб-профилот на меѓународната Слоу фуд организација на 15 мај со целосното мени.

За задутре, 23 мај, се закажани две панел-дискусиии: за флексибилната имплементација на ЕУ регулативите во однос на хигиенските барања при традиционалното производство, како и за заштитените географски ознаки како инструмент за зачувување на диверзитетот на храна.

Слоу фуд Македонија ќе го презентира сработеното во изминатите 12 месеци во рамки на проектот „Од нива до маса – канализирање на проблемите на фармерите“. Изнесени ќе бидат и предлозите за подобрување на постојната национална регулатива за олеснување на традиционалните производства. /МИА