Српските дипломати се вратија во Скопје, ќе започнат разговорите меѓу двете страни


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денеска во Ниш ќе се сретнат министрите за надворешни работи на Македонија и Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, на кој тема ќе биде неколкудневниот дипломатски спор, што настана откако Белград го повлече пресоналот од Амбасадата во Скопје, без објаснување, по што преку медиумите обвинија за прислушување и вмешаност на надворешен фактор.

Македонската влада ги отфрли ваквите тврдења и побара официјално објаснување, притоа без да ги коментира шпекулациите.

Од вчера попладне продолжи со работа Амбасадата на Србија во Македонија, откако дипломатскиот персонал се врати од консултациите во Белград.

Вработените и опремата се во амбасадата во Скопје и сите активности нормално се одвиваат, вклучувајќи ги и конзуларните работи, кои се посебно важни поради големиот број на граѓани од соседна Србија кои во екот на сезоната се наоѓаат или на одмор во Македонија или се во транзит.

Како што најавија српските власти, амбасадорката Душанка Дивјак ќе се врати на должност на 31 август, а ден потоа, ќе има средба со премиерот Зоран Заев.

За утре е најавена и средба на двајцата премиери Заев и Брнабиќ, за време на неформалниот состанок на земјите од Западен Балкан во Драч.

Вчера, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Брнабиќ ќе го покани Заев до крајот на годинава да се одржи заедничка седница на владите на двете земји во Белград.