Српскиот наркобос Дарко Шариќ уапсен на Дедиње


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во големата полициска акција која се спроведува во регионов што треба да го означи падот на најголемиот наркоклан на Балканот српската полиција вчера ја опколила куќата на обвинетиот наркобос Дарко Шариќ на Дедиње, кој е уапсен за сосема нови кривични дела, а не за оние за кои веќе е обвинет, пишуваат српските медиуми.

Според достапните информации, тој сега е осомничен за организирање криминална група одговорна за неколку убиства во Србија и Црна Гора, а наводно поседувал два сателитски телефона и апликација „Скај“.

Претресот на куќата на Шариќ траел најмалку два и пол часа, пишува КРИК, а пред неговата куќа пристигнале десетина полициски возила. Припадниците на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) биле на улицата пред објектот.

На Шариќ повеќе од 10 години му се суди за меѓународен шверц на 5,7 тони кокаин, двапати беше осуден, но случајот беше вратен на повторно судење на почетокот на годинава. Нему му се суди и за перење на повеќе од 20 милиони евра пари од кокаин. За овој случај тој е осуден на девет години затвор, но пресудата моментно ја разгледува Апелацискиот суд во Белград. Шариќ беше во бегство речиси четири години, а во 2014 година ѝ се предаде на полицијата. Тој беше во притвор до декември минатата година, кога беше префрлен во домашен притвор и престојува во куќата на Дедиње.

Во големата меѓународна акција на „Европол“ и „Јуроџастис“, во која учествуваат и српската полиција и обвинителство, а во која вчера утрото беше уапсен Дарко Шариќ, уапсени се и повеќе полицајци меѓу кои Данило Стојановиќ и Милутин Радовановиќ.

Српски „Курир“ потсетува дека Стојановиќ и Радовановиќ неодамна биле уапсени под сомнение дека го претепале нивниот колега Милан В., инаку началник на „Интерпол“. Сите уапсени ќе бидат изведени на распит во Обвинителството за организиран криминал.

„Курир“ додава дека Стојановиќ своевремено бил началник на Службата за криминалистичко-разузнавачки работи (УКП), по што привремено беше префрлен на позицијата главен координатор во Единицата за заштита на лица и објекти.

„Во обвинителството најверојатно во текот на утрешниот ден ќе бидат изведени осомничените, кои се поврзуваат со криминална група, која, како што се наведува во наредбата, ја организирал Дарко Шариќ“, вели извор на „Курир“.

За уапсените полициски службеници се верува дека подолго време биле на платниот список на Шариќ.

„Постојат сомнежи дека му вршеле разни ‘услуги’ на Шариќ, а со тоа извршиле злоупотреба на службената положба, но и кривично дело тргување со влијание, со тоа што влијаеле врз други полициски службеници, обвинители и судии на претходна постапка да донесат решенија кои инаку не би требало по закон“, открива соговорник на „Курир“ од истрагата.

Во големата акција се уапсени и навивачот Урош Мишиќ и адвокатот Дејан Лазаревиќ. Некои медиуми пишуваат дека меѓу уапсените има и судии, но засега тоа официјално не е потврдено.

Дарко Шариќ е поврзан и со организацијата на убиството на членовите на шкаљарскиот клан Алан Кожара и Дамир Хоџиќ на Крф, како и со некои настани во Црна Гора, пишува „Новости“.

И хрватското МВР потврди дека во соработка со УСКОК и ПНУСКОК завршила кривична истрага од меѓународен карактер, при што уапсени биле 10 лица за кои медиумите пишуваат дека шверцувале најмалку тон и пол кокаин од Јужна Америка. Српски „Блиц“ дознава дека овие апсења се поврзани со апсењето на Шариќ, односно уапсената група соработувала со наркобосот од Србија.