Средба на Заев, Мицкоски и Ахмети во сабота – ќе се преговара за техничка влада


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Оваа сабота е договорена политичка средба на Зоран Заев, Христијан Мицкоски и Али Ахмети. Лидерите на трите најголеми политички партии кај нас ќе разговараат за техничката влада и за можното преместување на датумот на изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени за техничка влада и дека ќе има предвремени парламентарни избори на 12 април.

ДУИ не гледа причина да ги одложи изборите. Според нив, евентуалното одложување треба да биде со консензус.

“Не гледам причина да се одложи датумот на предвремените парламентарни избори кој се одлучи со консензус на сите лидери. На крајот на краиштата, доколку би имале некаква промена, ова ќе мора да биде со заеднички консензус”, рече Изет Меџити, потпретседател на ДУИ.

Претседателот на Собранието ги предупредува политичките лидери. Ако не се изгласа техничката влада на 3 јануари, изборите на 12 април ќе бидат неуставни.

“Доколку нема техничка влада на 3 јануари, се подразбира дека нема да има предвремени избори во согласност со Законот за Влада затоа што доколку се организираат изборите без овој елемент тие може да бидат предмет на разгледување пред Уставниот суд”, рече Талат Џафери, претседател на Собранието.

Опозициските партии, Алијансата за Албанците и Движењето Беса, се против одложување на изборите. Според договорот, на 3 јануари треба да се формира техничката Влада, а Собранието да се распушти на 11 февруари.Премиерот Зоран Заев во неколку наврати предупреди дека може да не се повлече на 3 јануари бидејќи опозицијата продолжува да го опструира Парламентот за економските закони, зголемувањата на платите и пензиите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги поддржат законите од интерес на граѓаните, со исклучок на Законот за наркотици, измените во Изборниот законик и Законот за одбрана. Владата и опозицијата постигнаа консензус за 40 предлог-закони што треба да се донесат до 31 декември.

Адријан Керими