Спорната епизода од Urban Myths со Мајкл Џексон нема да се емитува


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


После бурните реакции поради улогата на Џозеф Фајнс како Мајкл Џексон во серијалот Urban Myths на британската ТВ продукција Sky Arts, продуцентите решија да не ја емитуваат спорната епизода.

Уште од самата најава дека починатиот Крал на поп музиката ќе го глуми белец, фановите не престанаа да изразуваат револт и негодување, а трејлерот кој беше објавен како најава за епизодата дополнително ги изреволтира почитувачите на ликот и делото на Мајкл Џексон.

Идејата Џексон да го глуми белец не го воодушеви ниту неговото семејство.

„Многу сум навредена, а сигурно и многу други луѓе така се чувствуваат. Искрено, ова ме тера на повраќање“, напиша на Твитер Парис, ќерката на Мајкл Џексон.

Од Sky Arts објавија дека ќе ја повлечат епизодата „поради загриженоста која ја изрази семејството на Мајкл“.

„Никогаш не ни беше намерата да навредиме било кого. Џозеф Фајнс во целост ја поддржува нашата одлука“, соопштија од продукцијата на Твитер.

Urban Myths е серијал кој тематски ги обработува приказните за легенди како Џексон, Елизабет Тејлор, Марлон Брандо и други славни ликови.

Парис Џексон, исто така, напиша дека многу е навредена и од ликот на Елизабет Тејлот, која беше добра пријателка со нејзиниот татко и нејзина кума.

„Ме лути кога ќе видам дека ова е навредливо со намера, не само поради татко ми, туку и поради Лиз. Каде е почитувањето? Крваво работеа за да создадат извонредно наследство. Срамни улоги“, додаде Парис.