Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Според тврдењата на упатените во оваа област и банкарскиот сектор, граѓаните во Македонија продолжија да им веруваат на домашните банки, пренесува Фактор.
Нема никакви повлекувања на депозити, и покрај пропаѓањето на Еуростандард банка, на која Народна банка на Македонија и ја одзеде дозволата за работа и врз неа беше отворена стечајна постапка.
Од Народната банка уверуваат дека кај граѓанските заштеди во банките нема никакви невообичаени движења, што тие го имаат преку дневните информации кои до нив ги доставуваат самите банки.
„Кај депозитите на домаќинствата не се присутни невообичаени движења за овој период од месецот. Ова се потврдува и преку информациите кои на дневна основа се добиваат од самите банки“, децидни се од централната банка.
Монетарните власти во земјава повторно нагласуваат дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи банкарскиот систем е стабилен и сигурен. Притоа, како што потенцираат, стабилни и сигурни се сите банки, како и штедилниците.
„Остварувањата на системот, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци кога корона-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија“, тврдат од Народната банка.
Наведуваат и повеќе аргументи. Меѓу другото, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум и изнесува 17,2 отсто, односно е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум. Кај сите банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14 отсто до 22 отсто, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста на одделните банки и банкарскиот систем во целина.
Натаму, додаваат од НБМ, нешто повеќе од половина од капиталот на банките претставува вишок над законскиот минимум што е исклучително значајно за заштита на системот од шокови, каков што е пандемијата на ковид-19.
Исто така, квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок, и доминантен дел од нив од околу 90 отсто се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на банкарскиот систем.
„Со ваквите перформанси, банкарскиот систем е во кондиција со којашто во секој момент може во рамки на максимумот да одговори на потребите на клиентите и ефикасно да им овозможи користење на банкарските услуги и производи, вклучително и квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно – безбедност за нивните депозити“, уверуваат од Кабинетот на гувернерката Анита Бежовска-Ангеловска.