Според британски „Економист“: Македонија од „хибриден режим“ премина во „несовршена демократија“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Македонија повеќе не е во групата држави со „хибриден режим“, туку е една категорија погоре во „несовршени демократии“, покажува Индексот на демократија за 2021 година, што го објавува британски „Економист“.

Во споредба со 2020 кога беше рангирана на 78-то место од 167 земји со резултат од 5,89 и се наоѓаше во групата „хибридни режими“, според Индексот на демократија за 2021 земјава бележи подобрување и е рангирана на 73-то место со резултат од 6,03.

Ова ја сместува Македонија во групата „несовршени демократии“ во која се наоѓаат вкупно 53 земји.

Покрај со Индексот за 2020, државата беше рангирана како „хибриден режим“ и за 2019 (77-то место) и 2018 (78-то место).

Од земјите од опкружувањето, во иста категорија – „несовршени демократии“, но подобро рангирани се: Грција (34. место со резултат 7,56); Словенија (35. место со резултат 7,54); Бугарија (5. место со резултат 6,64); Хрватска (56. место со резултат 6,5); Србија (63. место со резултат 6,36) и Албанија (68. место со резултат 6,11).

Полоша на едно место после Македонија, но со само 0,01 поен помалку е Црна Гора (74. место со резултат 6,02).

Македонија и Црна Гора се последните две земји според рангирањето во групата „несовршени демократии“.

Во категоријата под неа – „хибриден режим“ од регионот се наоѓа Босна и Херцеговина (95. место со резултат 5,04).

13 држави промениле категорија – само четири на подобро, меѓу нив и Македонија
Според глобалниот Индекс за демократија, во 2021 во споредба со 2020 има 13 земји кои преминале од една во друга категорија. Девет се рангирани во полоша, а само четири земји преминале од пониска во повисока категорија, меѓу кои и Македонија. Нашата, заедно со Молдавија и Црна Гора се три држави кои преминале од „хибридни режими“ во „несовршени демократии“. Четвртата држава која е рангирана подобро е Мавританија – од „авторитарни“ преминала во „хибридни режими“.

„Со оглед дека беше еден од регионите со најлоши резултати откако се објавува Индексот на демократија, Источна Европа во 2021 ги надмина сите други регион избегнувајќи пад на просечниот резултат за регионот. Три земји (Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија) ги подобрија своите резултати доволно за да преминат од категоријата ’хибридни режими‘ во ’нецелосни демократии‘“, пишува во извештајот.

Деветте држави кои преминале во полоша категорија се: Чиле и Шпанија – од „целосни“ во „несовршени демократии“; Еквадор, Мексико, Парагвај и Тунис – од „несовршени демократии“ во „хибридни режими“; Киргистан, Хаити и Либан – од „хибридни“ во „авторитарни режими“.

Индексот на демократија државите ги дели во четири групи: „целосни демократии“ во која се рангирани 21 држава; „несовршени демократии“ – 53 држави; „хибридни режими“ – 34 држави; и „авторитарни режими“ – 59 држави.

Најдобро рангирани се: Норвешка, Нов Зеланд, Финска, Шведска и Ирска.

На дното на листата, пак, се: Авганистан, Мјанмар, Северна Кореја, Демократската Република Конго и Централноафриканската Република.

Индексот на демократија се оценува во пет категории: изборен процес и плурализам, функционирање на владата, политичко учество, демократска политичка култура и граѓански слободи.