Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола до надлежниот суд поднесе предлог – спогодба со едно физичко и едно правно лице кои се товареа за кривично дело – Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, соопшти обвинителството.
Со постигнатата предлог-спогодба, на обвинетиот Г.С., управител на фирма му е изречена условна осуда казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од 3 години тој не стори ново кривично дело. Станува збор за случајот со археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно, во Пелагонија која е досега најстара откриена неолитска населба во Македонија. Во март годиннава битолското обвинителство отвори истрага за овој случај кој завршува со предлог-спогодба за условна казна затвор.
Според ОЈО Битола обвинетиот Г.С. во периодот од ноември 2022 година до 3 март 2023, преземал дејствија во име и за сметка на фирмата на кој што тој бил управител, со што ја уништил источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влаху во селото Живојно, општина Новаци, кое претставува регистрирано недвижно добро – дел од археолошката мапа на Македонија и кое се наоѓа во опфатот на концесиското поле определено со Одлука на Владата за доделување на концесија за експлоатација на јаглен.
„Иако обвинетиот управител знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште Влаху, кое претставува културно наследство во кое не смее да се врши експлоатација согласно член 13 од Договорот за доделување на концесија, за што дури и преговарал со претставници на Научната установа (НУ) Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство да бидат преземени заштитни археолошки истражувања пред отпочнувањето со експлоатацијата на минералната суровина, сепак ангажирал подизведувач – друго правно лице од Битола на кое му дал насоки да започне со експлоатација на јаглен. Како резултат на ваквите активности во целост е уништена источната периферија на археолошко наоѓалиште Влаху, што беше констатирано на лице место од овластени службени лица од Управата за заштита на културно наследство и од НУ Завод и музеј Битола“, информираат од ОЈО Битола.
Со постигнатата предлог-спогодба, која е потврдена од Основниот суд во Битола, за наведеното кривично дело на обвинетиот управител му е изречена условна осуда казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од 3 години тој не стори ново кривично дело и доколку почитува уште четири други обврски изречени согласно предлог-спогодбата.
„Правното лице да не презема дејствија на експлоатација на јаглен од подрачјето на локалитетот Забрдо, општина Новаци, се додека на товар на ова правно лице, согласно напатствијата и насоките дадени од стручни лица од НУ Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, не се изврши јасно означување и оградување на подрачјето на кое се протега локалитетот Влаху, како и на подрачјата на кои се претпоставува дека се протегаат локалитетите Бел Камен и Кералот.
Дејствија не смеат да се преземаат и се до завршување на заштитните археолошки истражувања. Откако ќе бидат завршени истражувањата, дејствијата на експлоатација на наведените локалитети да се вршат само во согласност со утврденото со заштитните археолошки истражувања. Правното лице да не презема дејствија на експлоатација се додека со НУ Завод и Музеј Битола не склучи договор за извршување на заштитно археолошко истражување на товар на обвинетото правно лице на проширениот опфат на КО Живојно, Општина Битола. Правното лице има обврска да обезбеди финансиски средства и да дозволи непосредно вршење археолошки надзор од стручно лице – археолог определен од НУ Завод и Музеј Битола за целиот планиран опфат за експлоатација, а согласно насоките на НУ Завод и Музеј Битола. На обвинетото правно лице да му се изрече парична казна во износ од 360.000 денари, а тоа е должно да ги надомести и трошоците за геодетско вештачење како трошоци кои настанале до поднесување на предлог – спогодбата за одобрување до судија на претходна постапка, како и трошоците настанати во постапката пред судот во висина и на начин определен од судија на претходна постапка“, пишува во Предлог-спогодбата на ОЈО Битола.
Локалитетот Влахо е формиран околу 6400-та година п.н.е. што воедно го прави и една од најраните неолитски населби во Европа. Со тоа се потврдува дека уште во најраните почетоци на неолитот се присутни доместицирани форми на житарици, леќа, грашак, говеда, овци, свињи…, известуваат од Центарот за истражување на предисторијата.