СПОДЕЛИ МУЗИКА: LARTA – „Fragments“, нов и прв авторски албум на тапанарската легенда Дино Милосављевиќ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Fragments е новиот и прв целосно самостоен авторски албум на македонскиот тапанар Дино Милосављевиќ, издаден под проектниот наслов LARTA. Во ова ново парче музика дел од „дрим тимот“ кој со свое авторско и изведувачко учество придонесе за истото се долгогодишните соработници на Дино: Ѓоко Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон, кој воедно е продуцент на изданието.

На албумот се поместени четири музички инструментални композиции, сите авторски потпишани од Милосављевиќ.

Дејан (Дино) Милосављевиќ е музички „тешкаш“ во македонски и балкански рамки, еден од најистакнатите тапанари во земјата и на Балканот. Активен е на музичката сцена од почетокот на 90-тите години. 19 години беше дел од „Влатко Стефановски трио“ и соработува со врвни и познати артисти, како Калиопи, Кирил Џајковски, Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, „Анастасија“, „Мугер фугер“, Стен Скиби, Раде Шербеџија, Бајага, Зоран Предин, Џибони, Владо Јаневски, Владимир Василевски-Четкар, „Ласт екпедишн“, Каролина Гочева, „Меморија“, „Игор Џамбазов бенд“, „Суперхикс“ и други.

Неговото артистичка инструментална вештина со палките посебно доаѓа до израз на албумите на Sethstat, Kabadayas, Beneventan trio, Infuse и „Алшар“, проект на Никола Коџабашија. Дино е еден од основачите на Skopje Drum Talks, првото здружение за едукација и поддршка на тапанарите во Република Македонија, кое веќе три години организира јавни настани поврзани со уметноста на овој инструмент.

Набргу ќе следува промоција на изданието во Скопје. Снимањето на албумот е поддржано од македонското Министерство за култура.