Спасовски позитивен на КОВИД-19 ден после партискиот конгрес на СДСМ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Првиот човек на министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски, е прв висок функционер во новата Влада кој е позитивен на ковид-19, додека есенскиот бран на новиот вирус се интензивира низ регионот и целиот континент, пренесува 360 Степени.

Оливер Спасовски, старо-новиот министер за внатрешни работи и потпретседател на владејачката партија, вчерашниот ден го помина во седиштето на СДСМ, од каде што учествуваше на дигиталниот и отчетен партиски конгрес. Синоќа пак, дваесетина минути пред полноќ, тој, во кус статус на фејсбук, објави дека добил позитивен резултат на тест за ковид-19, дека клиничката слика му е добра, со благи симптоми, и дека веќе е во изолација.

Нема информации дали Спасовски учествувал на вчерашната владина седница, која и овој пат се одржа онлајн. Затоа, пак, на фотографиите и видеото од завчершаниот конгрес на СДСМ, Спасовски е меѓу највисоките партиски функционери кои се вклучија на настанот од партиското седиште.

Спасовски имаше и обраќање пред над 600 делегати од сите општински организации на СДСМ, од кои дел се вклучуваа на конгресот од дома, а дел од локалните седишта на партијата.

Министерот за внатрешни работи завчера утрото имаше онлајн вклучување во „Утрински брифинг“, каде што зборуваше за новите мерки за заштита од ковид-19, кои предвидуваат забрани за групирање и собирање по домовите, како и носење маски на отворено.

Претходно, позитивен тест на коронавирусот доби заменик-министерот за политички систем Илхан Рахман.

Во изолација, поради контакт со заразени со ковид-19, пак, беа министерката за култура Ирена Стефоска и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.

Спасовски ја предводеше техничката Влада во првите месеци од почетокот на епидемијата во земјава, па се до изборот на новата Влада на крајот на август. Додека беше технички премиер, тој неколку пати беше во изолација, ама тестовите на ковид-19 му беа негативни.

Првиот пат, техничкиот премиер и уште неколкумина членови на Владата, вклучително со министерот за здравство Венко Филипче, завршија во изолација поради контакт со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во периодот кога оваа општина беше жариште на вирусот во земјава.

Потоа, тој беше во изолација и поради контакт со другиот потпретседател на СДСМ Мухамед Зеќири. Тогаш во изолација беа уште неколку кандидати од првата постава на листата на СДСМ во втората изборна единица, каде што Спасовски беше носител.