Создаден првиот тест за антитела на коронавирусот со 99% точност – сефте ќе му прават Британците


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Компанијата Абот го произведува првиот 99% точен серолошки тест, за чие производство истакнуваат дека е забрзано. Причина за тоа е големата побарувачка за истиот, бидејќи само од Велика Британија има нарачка на милиони тестови.

Серолошки тест со 99% сензитивност отсега е сертифициран и за употреба во Европа, откако успешно ги мина безбедносните протоколи на Унијата, а токму преку брзите серолошки тестови, голем број западноевропски земји решија да го кројат планот како да се надмине кризата од Ковид-19.

Лондон реши кон крајот на мај и почетокот на јуни масовно да го тестира населението, со цел да открие кој бил во допир со вирусот и создал имунитетски одговор. Премиерот Борис Џонсон нагласи дека овие тестови значајно ќе помогнат во војната, а одговорниот за тестирањето на Британците, Џон Њутн, вели дека најпрвин, за тоа кој организам создал ИГГ антитела, ќе се испитуваат здравствените работници, згрижените во домовите за стари лица и повозрасните.

Од друга страна, кај нас, здравствените власти, но и СЗО, се уште ги претпочитаат т.н. ПЦР тестови, кои утврдуваат единствено присуство на вирусот без да се знае имунолошката реакција. Но, за дел од инфектолозите, токму серолошките тестови ќе го трасираат патот за надминување на рестрикциите и заживување на економијата.

Серолошките тестови ќе бидат основа и за планираните имунитетски пасоши. Во понеделникот, министрите за туризам на земјите-членки, најмногу на барање на медитеранските држави, се договорија секој граѓанин на ЕУ кој сака да патува да извади сертификат за антитела, со цел да се спаси туристичката гранка, која има 10% удел во БДП на Унијата.

Инаку, освен Британија, конкретен датум споделија и француските власти, кои од 11-ти мај ќе започнат серолошки да тестираат по 100 илјади лица дневно.