Советот на јавни обвинители во четврток ќе донесе одлука за функцијата на Катица Јанева


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Членовите на Советот на јавни обвинители вчера цели осум часа темелно ги разгледуваа списите од истрагата за предметот „Рекет“.

Седницата заврши без конкретна одлука за тоа дали Советот ќе почне постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Претседателот на Советот Коле Штерјев најави дека во четврток ќе се знае исходот.

„Ги разгледавме, ги проучивме сите списи и оценивме дека за денеска тоа е доволно. Во четврток во 10 часот наутро продолжуваме со седницата и Советот ќе донесе соодветна одлука истиот ден. Таа одлука треба да биде добро изготвена, затоа што ќе оди во Собрание и од тие причини не можеме сега во вакви услови, после цел ден работа да се впуштивме и да носиме одлука одеднаш“-изјави Коле Штерјев, претседател на Советот на јавни обвинители.

Обемниот материјал за случајот „Рекет“  до Советот денеска лично го достави обвинителката Вилма Русковска која ја води истрагата. Русковска три часа се задржа на седницата.

„Доказите им ги презентирав кои до сега ги имаме собрано. Искази на сведоци, записникот за примање кривична пријава од едниот сведок, разговорите кои ги има дадено.На сите прашања кои ги поставија јас им дадов одговор“-рече Вилма Русковска, обвинителка.

Советот на јавни обвинители може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата , што е содржано и во Законот за СЈО. Доколку во четврток се донесе одлука за отпочнување на псотапката за разрешување, Советот изготвува Извештај, кој го праќа на одобрување во Собранието. Пратениците на пленарна седница со двотретинско и Бадентерово мнозинство, треба да утврдат формален предлог за разрешување на Јанева, кој потоа оди на финално решавање повторно во Советот. Катица Јанева е осомничена и притворена во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба.