Советот на ЕУ порача: Македонија не ги исполнува условите за непречено патување на нејзините граѓани во земјите од ЕУ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Според ддлуката на Советот на ЕУ за влез на граѓани од трети земји на територијата на Унијата од 1 јули, Македонија не ги исполнува епидемиолошките критериуми за непречено патување на нејзините граѓани во земјите-членки на Унијата, пренесува дописничката на МИА од Брисел.

И покрај препораката на Европската комисија да им се даде зелено светло на сите земји од Западниот Балкан за влез во ЕУ од 1 јули, земјите членки се согласија да дозволат постепено укинување на рестрикциите само за граѓаните на Србија и Црна Гора. Зелено светло добија и Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Северна Кореа, Тајланд, Тунис и Уругвај. Списокот на земји ќе се ревидира секои две недели врз основа на епидемиолошката состојба во секоја од нив.

Што се однесува до Кина, Европската Унија ќе прифати отворање на границите доколку дозволата биде взаемна.

Критериумите врз кои се донесе оваа одлука се епидемиолошката состојба, мерките на заштита како физичката дистанција, како и економски и социјални параметри, објаснуваат од Советот на ЕУ.

За да добие право да патува во ЕУ, епидемиолошката состојба на една земја треба да исполнува три критериуми: бројот на нови случаи на Ковид-19 во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот; земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена, и третиот услов е начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.

Брисел процената ја темели врз информациите што ги добива од делегациите на ЕУ на терен.

За Македонија и другите земји кои остануваат на црната листа важат неколку исклучоци: државјанин на земја на ЕУ и неговото семејство, лица со долгорочен престој во ЕУ и семејството, и се разбира есенцијалните работници како медицинските лица.

Истите правила важат за целата Шенген зона.

Иако оваа препорака на Советот не е правно обврзувачка за земјите членки, и секоја од нив има право да донесе сопствена национална одлука, Советот оценува дека, што се однесува до третите земји за кои не е дозволен влез во ЕУ, земјите членки на ЕУ не треба да донесуваат различни одлуки без да се координираат со останатите земји на Унијата.