Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Најмалата жртва на трговија со луѓе во Македонија има само десет години, пренесува Дојче Веле.
Овој морбиден случај бил откриен пред две години, но тој не е единствениот пример каде децата станале лесен плен на криминалците. Од почетокот на годинава, МВР има идентификувано осум случаи на трговија со луѓе, од кои седум се малолетници. Во шелтер центар се згрижени шест деца – жртви на трговија со луѓе.
„Криминалците ја таргетираат групата која највеќе го користи интернетот, а се најмалку информирани за опасностите коишто ги демнат. Едно дете е веќе детектирано како жртва на трговија со луѓе преку онлајн комуникација“, вели Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи.
Според сознанијата на „Отворена порта“ (Ла Страда) „најголемиот број на идентификувани жртви се деца, а возрасната граница постојано опаѓа. „За разлика од пред десетина години кога жртвите беа над 16 години, сега жртви сѐ повеќе се деца на возраст од 10 до 17 години па нагоре“, укажуваат од Ла Страда.
Модерното време, употребата на интернетот и технологијата,ги изложува децата се повеќе на ризик. Особено за време на ковид-пандемијата, тие станаа се поранливи и се повеќе време поминуваа зад компјутер. Преку користењето на социјалните мрежи тие постојано стапуваат во контакт со познати, но и непознати лица.
„Од таа причина, водени од случајот „Јавна соба“, но и случајот со трговија со лице преку интернет и негова онлајн експлоатација, спроведовме истражување кое покажа фрапантни податоци“, велат од Ла Страда.
Сознанијата укажуваат дека децата често имаат повеќе акаунти на социјалните мрежи, често се случува две деца да користат ист акаунт, но загрижувачки е надлежните е тоа што голем дел од нив стапиле во контакт со непознати лица, а потоа оствариле и физички контакт со нив, што ги доведува во ризик. Затоа се апелира родителите да водат повеќе контрола што прават децата на Интернет, на кои платформи се вклучуваат и кои контакти ги остваруваат.
Децата се ранлива категорија, тие често се манипулирани, под присила и закана се принудувани да прават недолични видеа кои одат или во живо или се споделуваат на платформи или меѓу корисници, а често се шират меѓу самите деца.
Трговците со луѓе веќе голем дел од своите кривични активности ги извршуваат на Интернет. Тие преку онлајн комуникацијата обезбедуваат поголема анонимност и им се олеснува извршувањето на кривичното дело, поради што се повеќе се ориентирани на популарните социјални мрежи да вршат регрутација на жртвите, и потоа да ги контролираат. Загрижувачки е што постои недоволна информираност на жртвите за тоа колку лесно можат да станат плен на социјалните мрежи.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи најмногу кривични дела против половата слобода и моралот во кои спаѓа и педофилијата имало во пандемиската 2020 година, 113 а биле регистрирани 107 сторители на ваквите кривични дела. Во 2017 година биле пријавени 102 кривични дела а биле пријавени 80 сторители. Во двете последователни години, 2018 и 2019 бројот на овие кривични дела забележал благ пад од 91 односно 87 пријавени дела со регистрирани 90 односно 87 сторители. Минатата 2021 година пак биле регистрирани 94 кривични дела против половата слобода и морал со 86 пријавени сторители.
Според Извештаите за работа на јавното обвинителство, во 2021 година вкупно биле пријавени 37 силувачи биле поднесени 12 обвиненија а биле изречени 18 пресуди. Истата година за полов напад на дете биле пријавени 25 луѓе биле поднесени 13 обвиненија и биле донесени идентични како и за силување, 18 пресуди. Една година претходно, во 2020 година биле пријавени 48 силувачи за кои биле поднесени 16 обвиненија и имало 11 пресуди. За полов напад на дете биле пријавени 43 луѓе, биле поденесни 25 обвиненија а донесени биле шест пресуди.
Во 2019 година бројот на силувачи бил за дваесет луѓе помалку. Имено оваа година биле пријавени 28 силувачи за кои биле поднесени 13 обвиненија а биле изречени 20 пресуди. За полов напад на дете биле пријавени 20 луѓе за кои биле поднесени 12 обвиненија а биле изречени 11 пресуди. Според податоците на обвинителството се чини дека 2018 година имало најмногу пријавени силувачи, 48. Обвинителството поднело 28 обвиненија а биле донесени 23 пресуди. За полов напад на дете пак биле пријавени 30 луѓе, биле поднесени 26 обвиненија а биле изречени 31 пресуда. Од анализираниот период во 2017 година за силување биле пријавени 47 луѓе биле поднесени 18 обвиненија а биле донесени 21 пресуда. За полов напад на дете биле пријавени 27 луѓе биле поднесени 19 обвиненија а биле донесени 21 пресуда.
„Зголемен број на овие кривични дела може да биде резултат на девијација, пад на моралните, семејните вредности и отсуство на родителска контрола или поддршка, достапноста на експицитни компромитирачки содржини, прерано стапување во сексуални односи, недоволно сексуално образование и недоволна образование за превенција од сексуални предатори”, велат од Меѓаши.
Американскиот Стејт департмент во последниот извештај за трговијата со луѓе во светот, кој се однесува за состојбите во 2021 година, нотираше дека македонската Влада не ги исполнува до крај минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе, но дека прават значајни напори во таа насока. беа препорачани построги истраги и казни за трговците со луѓе, како и да не се заобиколуваат официјални лица за кои има сомнежи за соучество.