Социјалните мрежи и медиумите преплавени од бурни реакции после најавата за рушење на Универзалната сала во Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред два месеци во една телевизиска дебата изјави „Ох, колку ќе се изненадите за Универзална“, никој не очекуваше дека градската управа на скопјани, па и на останатите граѓани на Македонија, ќе им приреди токму вакво изненадување со визијата за иднината на овој култен културен скопски објект. И тоа непријатно.

Бурни реакции се предизвикаа во јавноста откако Град Скопје го објави конкурсот за идејно решение, за местото кај Универзална сала, каде се предвидува парк со мала летна сцена. Во реакциите се бара Град Скопје да ги стопира овие планови веднаш. Му забележувват за тоа што токму од таа локација, на митинг за локални избори, беше ветено од негова страна дека ќе ја реновира Универзална, пренесува Скопје24.

Реагираат и од Асоцијацијата на Архитекти. Тие велат дека биле контактирани од Град Скопје уште во декември минатата година, да дадат мислење за организирање конкурс за изградба на објект од 36 илјади метри квадратни, што според нив е преголем објект за тој простор и дека таков објект може да се постави спортскиот комплекс Борис Трајковски.

Од Асоцијација на архитекти на Македонија се на мислење дека овој објект треба да се заштити, односно да се реставрира. Во моментов објектот е во лоша состојба и не работи веќе 5 години. Но од Град Скопје добиле одговор дека немаат средства за нов објект и за реставрација на постојниот, па апелираат да се вклучи со средства и Владата на Република Северна Македонија.

Невладината организација „Сити Скоп“ исто така се јави со реакција и велат дека Универзална сала е дел од симболите на градот и бараат да се повлече оваа идеја.

„Хуманоста и солидарноста со која се изградил овој град се гледа и преку примерот на Универзална сала. Финансиски поддржана од 25 држави, проект и изградба од бугарска фирма. Универзална сала е историјата и идентитетот на градот. Апелираме до сите чинители на јавниот простор и до сите поддржувачи да се приклучат во намерата за зачувување на Универзална сала или најмалку да се приклучат кон бојкотирање на овој конкурс“, истакнаа од Сити Скоп.

Претходниот градоначалник Коце Трајановски во неговиот мандат презентираше проект за обновување на Универзална сала, но тој проект беше сосема поинаков од ликот на Универзална Сала, што беше неприфатливо за јавноста, а се бараше и нејзино преименување во сала „Тоше Проески“.

Шефот на кабинетот на Шилегов, одговара на овие реакции за Универзална сала велејќи: „Нема да се руши, туку ќе се гради, но прашање е каде“.

Според него, постојната локација е несоодветна, не може да се прошири објектот ниту да се обезбедат паркинг места a пристапот до него е небезбеден за населението во тој дел од градот.

Синоќа, преку објава на социјалните мрежи, тој појасни зошто идејата на градските власти за изградба на Универзална сала на нова локација и претворање на просторот каде се наоѓа старата сала во парк со летна сцена е попаметна од опцијата да се реконструира постојниот објект.

Наумовски посочува дека постојната локација е несоодветна и нема простор за проширување, доградби, паркинзи и пристапи.Тој наведува дека локацијата е несоодветна заради близината на зградите и тесните улички и кон неа нема да можат безопасно да се движат автобуси и камиони со опрема со оглед дека во близина се наоѓаат градинки и школи.

Реакцијата на многу скопјани е очекувана откако град Скопје го распиша конкурсот за идејно решение за парк со летна сцена на местото на Универзална Сала кое е едно од градските одбележја.