Социјалниот архетип во документарниот филм


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во недела (20 август, 2017 година), со почеток од 20.00 часот во Куршумли Ан, во рамките на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс”, ќе се одржи промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм” од Маријана Котевска-Георгиева, а во издание на Арс Ламина публикации.

Во книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм” се обработени девет документарни филмови, при што се согледани сферите во кои се поврзуваат социјалниот синдром како рефлексија на средината од една страна (што е присутен во речиси секој документарен наратив) и креативниот импулс кај документаристите како автори, од друга. Преку јазикот на книжевната теорија и филозофијата, интердисциплинарно се опфатени различните релации меѓу филмот и книжевноста – како креативни естетики, сместени во рамките на теоријата и филозофијата – како научни естетики.

Фокусот е ставен на неколку истражувачки полиња: улогата на социјалната средина и нејзиниот силен импулс што ги стимулира документаристите на запис; битноста на реалната информација или фактот пренесени преку документарниот филмски јазик; начинот на перципирање и реакција од страна на публиката; и улогата и креативниот јазик на авторот.

На овие и други теми, во рамки на промоцијата, заедно со авторката Котевска-Георгиева, ќе дискутираат Илинденка Петрушева, филмски критичар и есеист, проф. д-р Владимир Блажевски, режисер и редовен професор на ФДУ Скопје и ФДУ Белград, д-р Кристина Николовска, историчар, истражувач на хуманистички науки, и Атанас Георгиев, монтажер и документарист (чиј филм „Avec l’amour” го отвора годинашниов „Македокс”, заедно со концерт на групата „Фолтин”).