Сонце пред милијардите: Тврдокорни Англичани го запреа градењето на новиот стадион од Челзи


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Лондон е град кој се гордее на, веројатно, најголемиот број големи фудбалски стадиони, што не е чудно со оглед на фактот дека во главниот град на Велика Британија играат дури пет клуба од англиската Премиер лига.

А како што фудбалот сè повеќе ја напушта сферата на спортска забава и преминува во чиста фабрика за пари, така и сопствениците на клубовите гледаа како да остварат што поголем профит. Покрај спонзорските договори, продажбата на телевизиски права и продажбата на дресови и други сувенири и ситници со логото од клубовите, еден од најзначајните извори на приходи и понатаму е продажбата на влезници, особено кога се во прашање луксузните места во стадионските ложи.

Оттука, не е чудно што лондонските клубови брзо ја видоја својата шанса за уште поголема заработка во градење нови, скапи и поголеми со капацитет за публика стадиони. Мразот го скрши Арсенал кој легендарниот „Хајбери“ во 2006 година го замени со „Емиратес“ стадионот, наречен според познатата авиокомпанија од Обединетите Арапски Емирати која за 100 милиони фунти ги откупи правата за името на стадионот (договорот е продолжен во 2012 година, овој пат за 150 милиони фунти). Благодарение на капацитетот од нешто над 60.000 места за публика и ултра скапи влезници, 390 милиони фунти вредниот стадион набрзо почна да биде исплатлива инвестиција.

После Арсенал, на прилагодениот стадион „Лондон“ (со капацитет од 57.000 седишта), кој беше терен за Олимписките игри во 2012 година, се пресели и Вест Хем Јунајтед, кој го напушти добриот, стар Болејн Граунд. После нив следеше Тотенхем, кој за 750 милиони фунти гради нов стадион со капацитет од 61.559 седишта, кој може да послужи и како дом за потенцијалната европска NFL франшиза.

Но, можеби најамбициозниот од сите проекти го замисли газдата на ФК Челзи, Роман Абрамович. Откако му пропадна идејата да изгради стадион во рамки на затворената електрана на јаглен Батерса Пауер Стејшн (која за сите времиња ја овековечи омотот од албумот Animals на култниот англиски рок бенд Пинк Флојд, на кој над електраната лета розова свиња на надувување), рускиот милијардер ја ангажираше швајцарската архитектонска компанија Herzog&DeMeuron. Нивна задача беше да осмислат реновирање и проширување на Стемфорд Бриџ на кој Челзи настапува од основањето на клубот во 1877 година. Стадионот два пати беше реновиран, на почетокот и крајот од 20-ти век.

Швајцарските архитектонски уметници, во чиј опус се истакнуваат стадиони како „Птичјо гнездо“ во Пекинг, Алијанц Арена во Минхен и Матмот Атлантик во Бордо, осмислија одличен проект, стадион кој ќе отскокнува од прилично униформираните стадиони на градските ривали од Челзи. Условени од недостаток на простор, Швајцарците дизајнираа неправилна форма од 256 циглени „ребра“, вдахновена од готската архитектура на црквата Вестминстер Аби. Според проектот, капацитетот на Стемфорд Бриџ ќе се зголемеше од 41.000 на 60.000 гледачи (од кои 9.000 луксузни), со што речиси ќе се удвоеше приходот на клубот од влезници, според проценката на ревизорската куќа Делоит.

Но, овој една милијарда фунти вреден проект наиде на уште една голема пречка, пренесува ВВС. А таа се вика семејството Кроствејт, кое веќе 50 години живее во непосредна близина на Стемфорд Бриџ.

Тие тврдат дека новиот стадион ќе им го попречи пристапот до сончева светлина и дека со тоа нивниот дом трајно ќе остане во сенка. Поради тоа, во мај минатата година, тие поднесоа барање за забрана на градењето.

Иако новиот Стемфорд Бриџ доби дозвола за планирање која ја потпиша градоначалникот на Лондон, ФК Челзи не сакаше ништо да остави на случајност, па ја повикаа локалната општинска организација со цел да спречат по којзнае кој пат уште една забрана да им ги расипе плановите за градење. Одлуката сега е во рацете на советниците од општинската управа на Хамерсмит и Фулам, кои се состанаа во понеделникот.

Од клубот им беше кажано дека работата не може да продолжи додека постои можност забраната да ја спречи реализацијата на проектот, на која семејството и понатаму инсистира, иако наводно им е понудена голема компензација (во стотици илјади фунти) со цел да отстапат од својата борба за сончева светлина. Но, тие не сакаат ни да слушнат за такво нешто.

Тие велат дека немаат ништо против новиот стадион, туку само бараат источната трибибна да се редизајнира или да се намали во висина, за да не им ја попречува сончевата светлина. Потегот на ФК Челзи, кој преку оштинскиот совет сака да ја укине забраната, го сметаат за штетен за јавниот интерес и потенцијално нелегален. Од друга страна, клубот тврди дека веќе се консултирале со 13.000 граѓани кои живеат во близина на стадионот, од кои 97,5 дадоа поддршка за проектот. Одреден број од нив добиле и компензација од клубот поради тоа што новиот стадион ќе им ја „зема“ сончевата светлина.

Советниците, пак, имаат соломоново решение – според еден предлог, тие од семејството би ја откупиле семејната куќа, за износ кој потенцијално надминува неколку милиони фунти, па потоа земјиштето би му го изнајмиле на клубот за да може да се продолжи со реализација на проектот. Но, ако евентуално донесат таква одлука, семејството Кроствејт најави дека ќе бара нов правен совет за понатамошните можности кои им се на располагање.