Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Советот на Синдикатот на образование, наука и култура одлучи штрајкот во училиштата и градинките да продолжи. Одлуката беше донесена откако СОНК ги разгледа и донесе свои ставови за заклучоците кои произлегоа од вчерашната владина седница.
„Штрајкот ќе продолжи се дотогаш додека не се договориме по спорните прашања и не потпишеме спогодба за истите“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Според СОНК, вчерашните владини заклучоци не водат кон решавање на несогласувањата со Владата и сметаат дека се врши огромен притисок врз наставниците и воспитниот кадар во градинките.
Наспроти заклучокот на Владата дека Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика ќе им исплатат само придонеси на штрајкувачите, СОНК вели дека не е така и оти министерствата се должи да им исплатат и плати.
„Советот на СОНК констатира дека одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат поддржувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк што го сметаме за обид за спречување на штрајкот. Освен законското право на исплата на плата при штрајк постојат и членови на колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето на дневници за време на штрајк и во кои се вели: Работодавецот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајк за работниците кои учествуваат во штрајкот во висина од основната плата на работникот доколку синдикатот организиран штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавецот. Според тоа не треба да се заплашуваат дека ќе им бидат скратени дневници“, рече Неделков.
Тој кажа дека ова се однесува за штрајк во кој се прекршени правата на работници, а моменталниот штрајк што го организира СОНК, според Неделков е токму од тие причини.
„Тоа значи дека ние баравме и бараме усогласување на платите согласно Законот за минимална плата, член 8,меѓутоа години и години наназад тоа не е направено“, рече Неделков.
За одлуката на Владата со ребаланс на Буџетот да се обезбедат пари за 10 отсто покачување на платите, СОНК смета со тоа се бетонира понудата и не се остава простор за дополнителни преговори. За потсетување, синдикатот претходно ја отфрли ваквата понуда барајќи покачувањето да биде околу 18 отсто.
Неделков рече и дека СОНК не чувствува никаква одговорност врз основа на кој правен акт е прекинат воспитно образовниот процес и наброја неколку одлуки кои се документирани, како што се одлуката на Советот на СОНК за генерален штрајк и известувањето до градоначалниците и директорите дека ќе има штрајк.
„Формирана е работна група за изготвување колективен договор од страна на владини министри кои со репрезентативниот синдикат ќе преговараат за правата на работниците во јавниот сектор што не наведува на констатација дека се работи за општ колективен договор во јавниот сектор, што не беше барање на СОНК односно произлегува дека колективните договори за детска заштита, основно и средно образование ќе почекаат“, рече Неделков.
Во врска со владините заклучоци од вчера кои според СОНК не водат кон решавање на спорните прашања, пак, денеска изјави во јавноста имаа и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Тренчевска порача дека тоа што на штрајкувачите ќе им се платат само надоместоци не е никаков притисок туку почитување на законите, а го прозва СОНК дека тој има законска можност во време на штрајк да им даде плати на своите членови.
„Во колективниот договор убаво е дефинирано што во случај на штрајк и што е должен работодавецот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи кој вели дека во услови на штрајк работодавецот е должен да им исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член од законот, 241, дава можност СОНК да им обезбеди исплата на нето-плата на сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи за почитување на закон и на колективен договор, а не за какви било притисоци или уцени од страна на Министерството врз градинките односно вработените кои штрајкуваат“, изјави утрово Тренчевска која посочи и дека ако потпише за исплата на платите тоа би било значело дека и таа може да сноси кривична одговорност.
Шаќири, пак, посочи дека доколку СОНК одлучи да продолжи со штрајкот, утре ќе се собираат податоци од училиштата да се види колку наставници не одржуваат настава и да се најде решение.
„Ние како МОН ќе ги разгледаме сите законски можности во делот на начинот реализација на наставата. Знам дека и денеска кога разговаравме, дел од наставниците кои беа вклучени во штрајкот, доброволно се вратени. Некои, можеби, не се сите задоволни со понуденото, но заради интересот на децата се вратени во образовниот процес. Утре ќе се собираат податоци за реалната ситуација, потоа ќе видиме. Се надевам дека ќе имаме позитивна одлука само за настава за децата во основните и средните училишта“, изјави денеска Шаќири.