Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првиот човек на македонското Собрание, претседателот Талат Џафери не чувствува потреба да им се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со пцовки, ама ги потсети колку им трае работното време и каде треба да го минуваат.
„Ако некој мисли дека собраниската служба треба работното време да го помине на улица Македонија, наместо на работното место, тогаш граѓаните немаат потреба од таква служба. Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата да не работи, се лаже. Имаат осум часа работно време и толку треба да се на работното место”, изјави Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
За снимките од собранискиот канал вели дека нема објаснување и не чувствува потреба да се извини.
Пцовките вели дека не биле кон вработените туку кон одговорноста, кон нивниот однос кон работата што ја имаат, а не како што сугерира опозицијата. Пред новинарите Џафери зборуваше како работат службениците, изјавувајќи дека грешката е кај нив, а не кај него. Кажа дека службениците во работно време шетале низ центарот на Скопје, наместо да работат, како и дека тие го згрешиле и материјалот за 71. Седница.
„Немам објаснување во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловник е пропишана мојата надлежност. Треба да создадам предуслови и услови за работа. И ако некој мисли дека службата треба на ул. Македонија да ја помине службата, претпоставувам дека граѓаните не сакаат таква служба. А ние како раководство на Собранието сме ги направиле сите предуслови да створиме соодветни услови за службата. И статусно, институционално, материјално. Службеник во Собранието има 20 отсто има повеќе плата од сите свои колеги во други институции“, кажа Џафери.
Според него, службениците треба соодветно да ги исполнуваат своите обврски, а ако некој и понатаму продолжи да прави такви грешки, соодветно ќе се постапи во иднина.
„Не е целта лов на вештерки да правиме. Да ги ловам вработените на грешки. Суштината е апропо статусот да ги извршуваат соодветно обврските. Ако ова продолжат ваквите грешки, ќе има соодветна постапка“, објасни Џафери.
За барањето на оставка од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери рече: „Немаат со што да се бават, се бават со мене. Треба да им затворам усти?“.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да води сметка за тоа што тие направиле, а не да оценуваат дали претседателот го прекршил етичкиот кодекс на Собранието”, вели Џафери.