Собранието ги изгласа измените во Законот за пушење


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Иако со поделени ставови, мислења и тврдења, значителен број гласови „против“ и во отсуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од пушењето.

Во општатата расправа најзастапен беше Ферид Мухиќ од редот на независните пратеници, кој отвори цела филозофска расправа во обид да докаже дека нема научни докази дека пушењето му штети на здравјето и дека обидот да се ускрати правото на некој да ужива во тутунскиот чад е увод во тоталитарна држава.

Тоа беше проследено со смеење и дофрлање од пратеничките фотелји, но Мухиќ упорно, долго и со уфрлање бројни примери, се обидуваше да докаже дека пушењето не е штетно. Тврдеше и дека е докажано оти никотинот имал над 2.000 полезни својства за човечкиот организам.

На тоа реплицираа Џевад Адеми од ДУИ, Јагода Шахпаска од СДСМ и Реџеп Мемеди, кои излегоа со тврдења дека науката одамна докажала оти пушењето предизвикува болести. Шахпаска во дискусијата јасно најави дека нема да го поддржи законот.

Потоа се вмеша и предлагачот на законот, Томислав Тунтев од СДСМ, кој рече дека дискусијата избегала од темата и дека целта на законот е само да се заштитат непушачите и дека штетите од пушењето се одамна докажани. Тој појасни дека целта е само да се остави поголем простор за угостителските објекти да не бидат казнувани доколку затворат со фолии тераси во кои ќе може да се пушти.

По дискусијата се пристапи кон гласање, но и тогаш имаше проблеми.

На првото гласање, системот покажа дека од 58 присутни во салата, „за“ гласале 42 пратеници, 14 биле против, а еден воздржан. Тогаш претседателот на Собранието, Талат Џафери го поништи гласањето „од причина што системот не покажува и не може да ги регистрира гласовите“. По пауза од две минути, кажа дека системот бил подготвен и ги повика пратениците пак да гласаат.

Овојпат системот покажа дека за гласале 41 пратеник, воздржан бил еден, а против 14. Тогаш Џафери повика службите да пребројат колку пратеници има во салата, па прогласи дека во салата имало 61 пратеник и дека гласањето било полноважно и дека е донесен законот, по што ја прогласи 11-тата седница за завршена и ја прекина работата на Собранието.