Со велосипед над маглите и трескавечки панорами кои ги полнат очите


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Аџилакот на духот и телото кој го нуди патешествието до манастирот Трескавец, кога од Прилеп, преку Маркови кули, ќе се упатите низ врвулестата патека која минува низ разиграни предели од падини и карпи, декорирана од крајпатните лески, во никој случај не ја изгуби магијата со асфалтирањето на обиколниот пат до манастирските порти. Добро, освен можеби што го нараси возвишеното чувство во моментите кога пристигнуваш пред Трескавец, па ти се мешаат визуелни дразби од автомобили и асфалт кои никако да се навикнеш дека ги има среде таа торжествена убавина. И не им е баш местото така и таму, но факт е дека ги има и тоа е тоа. Па мораш да се помириш со тој факт, и барем на моменти да го оправдаш истото со оние малку позитивни и олеснителни околности кои ги донесе „асфалтот до Трескавец“.

Но, за нашата мала екипа од подмаркукулските карпи, кои освен со пешачењето, посакуваме да ги искусиме висините и со велосипедската дразба за телото и духот, асфалтот донесе извесни олеснувања во поглед на доживувањето на патешествието наречено Трескавец. Велам извесни, бидејќи секој кој го поминал асфалтираниот пат до манастирот со автомобил убаво знае дека асфалтот веќе на повеќе места е сериозно оштетен од еродирање на земјштето, поради неквалитетната заштита на истиот, па колку што олеснува за движење, толку донесува и проблеми и потешкотии кои, поради невнимание, можат да бидат и сериозно незгодни.

10.12.nad-maglite1

Како и да е, нема тука да разврзувам што и како со асфалтот за Трескавец, туку сакам да ви пренесам едно велосипедско искуство од минатиот викенд, кога Прилеп тонеше (а и овие денови уште тоне) во магла и влага, а на само 300-400 метри над градот, маглата ги губеше (и уште ги губи) своите моќи, препуштајќи го влијанието на речиси пролетното време со температури кои го надминуваат и 20-от степен на скалата од Целзиус.

10.12.nad-maglite2

Секој што ќе реши да качува со велосипед до Трескавец, треба да знае дека делницата е навистина угорна, со чести стрмнини од над 15%, што „вртењето педали“ навистина го прави подвиг и напор. Има ужвање и во тоа, само зависи кој како го перцепира и сфаќа концептот за уживање. Тргнувањето беше од магливите улици на Прилеп, и прилепскиот воздух обременет од влага и студ, па времето лесно може да те демотивира да вртиш со велосипедот, доколку духот и мислите не ти се веќе над замаглената урбана средина, таму некаде, горе, во висините под и околу Трескавец. И знаеш дека таму те чека сонце. Сонце и чист воздух. Благодет и за тело и за душа. А и за поглед, поради фактот што се шират импресивни панорамски видици збогатени од морето од магла кое се шири под тебе. Ама тоа кога ќе стигнеш таму. Првин треба добро да ги стегнеш нозете, оти угорнината предизвикува и на моменти фрустрира.

10.12.nad-maglite4

10.12.nad-maglite3

Попатните паузи при вртењето нагоре не се нужни, барем не ако сте добро подготвени кондиционо, но се препорачливи како заради одмор и собирање енергија за понатаму, но многу повеќе и за уживање во глетките кои почнуваат да се простираат пред очите, како што маглата останува под тебе.

10.12.nad-maglite6Врвовите на Баба Планина

10.12.nad-maglite5Маркови кули ѕирка од маглата, таму назад Селечка Планина

А пред тебе планински дразби и врвични импресии. Па ги гледаш на југ гордите врвови на Баба Планина – гордиот Пелистер, молчаливиот Муса, заснежените падини под нив кои веќе ги држат првите снегови за оваа сезона. Погледот ти бега накај Селечка на исток, а таму позади и Кајмакчалан во осаменост среде маглата. Накај запад го гледаш Крушево, удобно скрасено во лулката на Бушева Планина.

10.12.nad-maglite8

10.12.nad-maglite9Солунска глава

Кога ќе накачиш накај подманастирскиот предел веќе ти се отвора поглед кон неприкосновениот восторг наречен Солунска глава. А назад почнуваат да се подаваат шарпланинските заснежени врвови. Импресиите се редат една до друга, една зад друга, една пред друга, сите со своја уникатна и препознатлива раскош. И тоа барем на кратко го смирува духот.

 

10.12.nad-maglite7

Со искачувањето пред манастирските порти со велосипед Трескавец се доживува на еден сосема поразличен начин од „ходочастието“ кое го правиш кога му пристапуваш по една од стандардните планинарски патеки. Различен концепт за искусување на тие височини, различни дразби за телото, далеку помонотон предизвик, но со засебен и уникатен шарм и импресивност. Повеќе преиспитување со сопственото тело, со личната енергија, преиспитување со сопствената телесна опстојба и настројба.

10.12.nad-maglite10Пелистер гордо издигнат над маглите

10.12.nad-maglite12Снеговите на Шара ѕиркаат во позадина

Сепак, независно од тоа, убавината и возвишеноста кои се простираат пред тебе и те исполнуваат кога ќе стапнеш таму горе, пред Трескавец, се универзални. Искуството секогаш ново, секогаш за нијанса поимпресивно од претходното – кога и да било, како и да било тоа (претходното). Уживаш, се ситиш од сета таа импозантна дразба околу тебе, ги голташ убавините со погледот, до ненаситност ги пикаш во зениците, пред да тргнеш надолу, во брз и динамичен спуст по удолнините кои пред извесно време те истоштуваат и мачеа кога ги качуваше нагоре.

10.12.nad-maglite11

А спустот е опасно брз, па треба концентрација и големо внимание. За да заврши таму некаде, во прилепските магли и влага. Но, барем за наредните неколку дена ќе бидеш со побогат и поголем дух, облагороден од велосипедското патешествие наречено „асфалтот до Трескавец“. До некој следен пат.

10.12.nad-maglite13

Текст и фотографии: Александар Војнески