Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со поддршка од шест гласа, денеска, судијката Добрила Кацарска беше избрана за претседателка на Уставниот суд.
Кацарска на денешниот работен состанок добила шест гласа „за” од вкупно девет уставни судии, со што е постигнато потребното двотретинско мнозинство за избор на претседател на Уставниот суд.
Мандатот на новоизбраната претседателка на Уставниот суд, ќе започне од 2 јуни 2021 година.
Кацарска на претседателското место во Уставниот суд ќе го наследи судијата Сали Мурати кој ја извршуваше таа должност од 30 октомври 2019 година.
Биографија на Добрила Кацарска
Родена е во 1957 година во Ресен. Диполомирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј” Скопје во 1982 година, а правосудниот испит го положила во февруари 1984 година.
Од 1982 до 1984 година работела како приправник во Општински суд Скопје 1 Скопје, од 1984 до 1986 година како стручен соработник во Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 1986 до 2005 година била судија во Основен суд Скопје 1 Скопје во Граѓански оддел-Парница.
Од 2005 до 2009 година била Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, а од 15.02.2009 година до 13.07.2009 година ВД Претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. Од 13.07.2009 година била распоредена во Кривичен Оддел – кривично полнолетни до 09.01.2018 година кога била распоредена во Одделението надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција.
Две години била одговорен судија во парничниот отсек; два мандати член на Управен одбор на Здружение на судии, при што еден мандат и Заменик претседател; од 2007 година била член на Дисциплинскиот совет на Нотарска комора, а од 2008 година била Заменик на претседателот на Дисциплинскиот совет на Нотарската комора; од септември 2008 година до месец јули 2009 година била Претседател на Советот за судска служба.
Во текот на 2006 година едукатор за новоизбрани претседатели и секретари на судови; Обучувач на обучувачи-напредно ниво на судските службеници на тема„ Управување со движење на предмети”; Панелист-презентер на Првата судска административна конференција на РМ; Панелист-презентер на тема „Ориентација на нови претседатели на судови”; Панелист на судската административна конференција на Македонија на тема „Меѓувладина соработка, развој на стратегии за признавање и почитување на меѓусебните улоги во демократско општество кое се раководи според владеењето на правото”.
Учество на повеќе советувања за различни теми и тоа: Примена на европските стандарди за правосудниот систем во пресрет на претстојни реформи; Европски стандарди и модели за избор и именувањ на судии и обвинители; Програма за обука по права на Европска унија – пилот обука на едукатори по право на Европска унија; учество на Регионална работилница на тема„ Влијанието на правото на европската заедница на национално ниво и заштита на основните права од Европскиот суд на правата и Европскиот суд за човекови права”; Конференција на тема „Организација на судството во Германија”
Учество на Регионална работилница на тема„Пристап до судовите 1 и 2 дел одржана во Белград; Студиска посета на Бања Лука на тема „медијација во судски постапки”; Студиско патување во Ирска и Словачка на тема „Судски деловник за работа на судовите и управување со предмети”; Студиска посета на судот во Босна и Херцеговина – Оддел за воени злосторства; Студиска посета на Италија организирана преку Твининг проектот-Одделение за борба против организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство во соработка со Министерство за правда на Италија и меѓународниот институт за виши кривични судии од Сиракуза, Италија во Сицилија, Палермо и Катанија, Окружни обвинителства за борба против организиран криминал.
Била член во работните групи за изготвување на неколку закони и тоа: Измени на Законот за адвокатурата, Законот за судската служба, Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, Законот за измени и дополнувања на Законот за општата управна постапка. Исто така, била еден од авторите на Прирачникот-Водич за новоизбрани претседатели и секретари на судовите.
За судија на Уставниот суд на Република Македонија е избрана на 26 ноември 2020 година.