Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Платформата за онлајн комуникација Zoom вчера ги објави плановите за отпуштање на околу 1.300 работници, или 15% од својата работна сила, според блог пост на веб-страницата на компанијата, јавува „Си-Ен-Би-Си“.
Извршниот директор Ерик Јуан во блог постот напиша дека додека светот продолжува да се прилагодува на животот по пандемијата со коронавирусот, компанијата треба да се прилагоди на „неизвесноста на глобалната економија“, како и на „нејзиниот ефект врз нашите клиенти“.
Zoom доживеа огромен бум за време на пандемијата кога луѓето беа принудени да работат од дома и се свртеа кон софтверот за видео разговор за да останат во контакт со колегите, пријателите и семејството.
„Работевме неуморно и го направивме Zoom подобар за нашите клиенти и корисници. Но, направивме и грешки. Не одвоивме толку време колку што ни требаше за темелно да ги анализираме нашите тимови или да процениме дали растеме одржливо, кон највисоките приоритети“, рече Јуан.
Јуан рече дека на вработените кои ќе бидат отпуштени ќе им се понуди плата до 16 недели и здравствена заштита. Извршниот директор, исто така, рече дека планира да ја намали сопствената плата за претстојната фискална година за 98%, а исто така дека се откажува и од корпоративниот бонус за 2023 година.
„Како извршен директор и основач на Zoom, јас сум одговорен за овие грешки и активностите што ги преземаме денес – и сакам да покажам одговорност не само со зборови, туку и со моите постапки“, напиша Јуан во објавата.
Одлуката на Zoom е последна во низата на отпуштање работници во големи технолошки компании. Во понеделникот Dell ги објави плановите за укинување на 6.650 работни места. Во јануари Google соопшти дека ќе отпушти 12.000 работници, Microsoft околу 10.000 работници, додека Saleforce околу 7.000 работници.