Со компромис на партнерите до поуспешен брак


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Сите брачни парови понекогаш се наоѓаат во конфликтни ситуации. Тоа е нормално бидејќи се различни личности, потекнуваат од различни семејства и воделе различен живот. Периодот кога партнерите стапуваат во брак е оној период во животот кога сфаќаат дрека нивните навики, одлуки и цели влијаат и на другата личност. Понекогаш наидуваат на ситуации каде што треба да ја потиснат својата желба и да одговорат на желбата на партнерот. Сето тоа се очекува од вљубените и токму тоа ја прави љубовта посилна и поуспешна, а тоа е компромисот.

Се поставува прашањето како да се дојде до него. Понекогаш мора да се потрудите да направите работи кои иако не ги сакате знаете дека ќе изнудат добри резултати. Колку и да го сакате вашиот партнер кога не се сложувате во одредени ситуации настанува конфликт. Тогаш вистинската комуникација е токму она што ви треба, а тешко се постигнува. Во такви ситуации најдобро е разговорот да се одложи за подоцна така што во меѓувреме партнерите ќе можат одделно да прават активности кои ги опуштаат, а потоа ќе можат посмирено да размислуваат.

 Тврдоглавоста не е она што ќе ви помогне во решавањето на конфликтот. Секој кој ве сака ќе ви угодува, но никој не сака да оди до таа мера што ќе се изгуби себе си и ќе се запраша зошто упорно се занемаруваат неговите желби и потреби. Треба да се обидете да го почитувате вашиот партнер. Во разговорот да пристапите со отвореност, со можност подобро да се запознаете и да откриете повеќе заеднички карактеристики кои би ве довеле до полесно решение. Никогаш не заборавајте на меѓусебното почитување, поради едно несогласување не ја уништувајте довербата и хармонијата во вашиот однос.

Секогаш треба да се внимава на тоа како ќе се започне разговорот. Доколку го чекате вашиот партнер лути и нервознии нема да ја постигнете целта, туку ќе ја влошите дискусијата. Во решавањето на сегашниот проблем не треба да ги истакнувате поранешните несогласувања бидејќи ако сте ставиле точка на нешто тоа треба да остане во минатото. Можеби е подобро да пронајдете свој начин на справување, да не се придржувате до универзалните правила или да изнајдете нов начин доколку стариот не успева. Битен е фактот да не се разочарувате и своето незадоволство да не го пренесувате на периодот што следи. Сигурно дека постои нешто специфично за вашиот брак што го држи во нормала. Во ред е да прифатите дека некогаш ќе биде по ваше, некогаш не. Сето тоа е составен дел од бракот. Никој не вели дека постигнувањето компромис е лесна работа.

Амра Талевиќ, Институт за семејни студии

Извадок од списанието VOX