Со кауција од 11 милиони евра, Сашо Мијалков излегува од притвор


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, излегува од притвор. Апелацискиот суд во Скопје ја прифатил гаранцијата од 11.106.501 евро, потврдија од второстепениот суд , пренесува „360 степени“.

Неговата жалба била уважена и решението за притвор е преиначено со прифаќање на гаранцијата. Апелациските судии му определиле мерки на претпазливост односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.

Гаранцијата над 11 милиони евра, според нашите информации, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет-Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.

Мијалков и претходно во неколку наврати се обидуваше да излезе од притвор нудејќи гаранции. Меѓу последните што ги понуди пролетта 2021 година беше онаа во висина од 10,8 милиони евра. Тогаш Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се согласи тој да излезе во притвор, меѓутоа кривичниот совет во Основниот кривичен суд одби бидејќи сметаше дека постои опасност од бегство.

Во објаснувањето тогаш од судот ги наведоа многубројните предмети во кои тој е опфатен, но и тоа што беше повеќе од 24 часа недостапен кога пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ му беше определена мерка куќен притвор.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.

Имено, во пресрет на изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, обвинителството на 21 февруари 2021 побара куќен притвор поради опасноста од бегство. Тогаш Мијалков повеќе од 24 часа не беше достапен. Надлежните распишаа дури и меѓународна потерница, а членови на семејството и обезбедувањето на Мијалков беа повикувани во полициска станица за да се добијат сознанија за евентуалното бегство. На 23 февруари тој сам се пријави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од каде што беше однесен во куќен притвор. Тој дури и даде изјава во јавноста со објаснување дека имал многу висока температура, се изолирал и не знаел дека го бараат.

Во периодот од 23 до 26 февруари 2021, кога беше изречена пресудата, тој остана во куќен притвор. На објавувањето на првостепената пресуда, со која доби 12 години затвор, обвинителката Ленче Ристоска побара ефективен наместо куќен притвор, што беше прифатено од судот и тој беше пренесен во затворот во Шуто Оризари.

По изрекувањето на првостепената пресуда за „Трезор“ на 13 април 2021 година, притвор му беше определен во овој наместо во предметот „Таргет-Тврдина“.