Со грејната сезона доаѓаат и горливите проблеми со аерозагадувањето – Македонија повторно дише загаден воздух


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Со есенскиот пад на вечерните температури и почетокот на новата грејна сезона, мерните станици низ Македонија покажуваат високо ниво на загаденост во воздухот. А токму загадениот воздух е сојузник на коронавирусот, според многу истражувања.

Македонците и оваа есен дишат загаден воздух. Деновиве мерните станици на Министерството за животна средина покажаа високо и многу високо загаден воздух во Куманово, Тетово, Кавадарци, Гевгелија и други градови. Mинатата недела и дел од скопските општини имаа концентрација на ПМ честички два до три пати над дозволеното. Грејната сезона почна.

Дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење, покажуваат податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“.

„Сѐ додека не ги прифатиме директивите на ЕУ која ги бара од нас за тоа колку загадуваат индистриските капацитети и нивен мониторинг што значи индустриските капацитети да бидат поврзани на мерните инструменти од Министетството за животна средина и просторно планирање и во секој момент да имаме увид колку се движи загадувањето, дотогаш домаќинствата ќе бидат посочувани како едни од главните загадувачи. Како држава треба да се стремиме да ги користиме обновливите извори на енергија, а не користење на јаглен за добивање на електрична енергија. Постојано се вртиме во круг. Загадениот воздух за некого е само голем бизнис. Треба да размислуваме глобално, а да делуваме локално“, вели Светлана Станојковска, екологист, пренесува Фактор.

Скопје лани беше најзагадениот град во светот. Но, ништо подобри не беа ниту главните градови од регионот. Високо загаден воздух имаше и во Сараево дури и во летото.

Лекарите потенцираа дека оваа година аерозагадувањето ќе биде многу штетно за луѓето, во комбинација со пандемијата на коронавирусот која секој ден одзема животи.

Загадувањето на воздухот е причина за смртност на околу 3.000 лица годишно во државава и е петти главен ризик-фактор за смртност во светот.

Неодамна, министерот за здравство Венко Филипче во интервју за ТВ24 зборуваше и за штетните ПМ честички.

Тој вели дека постојат одредени истражувања кои покажуваат дека загадениот воздух односно, ПМ-честичките побрзо и подалеку го шират коронавирусот.

„Ќе процениме дали носењето маски треба да се препорача подоцна во есенските месеци и зимските месеци за луѓето да се штитат и од настинки, но и од загадениот воздух, поради тоа што има одредени публикации кои укажуваат на тоа дека со ПМ-честичките вирусот патува подалеку, многу повеќе од метар и половина до два. Тие вирусот го шират побрзо и подалеку“, посочи министерот Филипче.

Имено, повеќе научни студии покажуваат поврзаност на загадувањето со сериозноста на симптомите кај заболувањето предизвикано од коронавирусот, како и тоа дека загадувањето директно влијае на смртноста од Ковид -19.

Според студија од Универзитетот Харвард, малото зголемување на долготрајна изложеност на ситните PM2.5 честички доведува до големо зголемување на стапката на смртност од Ковид-19.