Со гаранција од 192.000 евра Рашко излегува од домашен притвор


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Бившиот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, обвинет за случајот со набавки поврзани со софтвери и исплата на хонорари од Генералниот секретаријат на Владата, излегува од куќен притвор.

Според информациите кои ги пренесува Дојче Веле, Апелацискиот суд прифатил гаранција во вредност од 192.000 евра како замена на мерката куќен притвор, а гаранцијата наводно се состоела од недвижен имот во Струмица, за кој Обвинителството не побарало замрзнување бидејќи се работело за имот стекнат пред извршување на делото за кое е обвинет Рашковски.

Во јули минатата година Основниот кривичен суд Скопје на барање на Основното јавно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, веќа замрзна одреден имот на Рашковски и имот на неговите две малолетни деца. Имотот што сега бил прифатен како гаранција, не бил дел од замрзнатиот. Обвинителството сега нема право на жалба за укинување на мерката домашен притвор, затоа што се работи за второстепена одлука.

Укинувањето на мерката домашен притвор се совпаѓа со почетокот на судскиот процес против Рашковски и уште шест обвинети. Првото рочиште требаше да се одржи на 25-ти јануари и тогаш Рашковски до судот беше спроведен со полиција, бидејќи се наоѓаше во куќен притвор. Но, рочиштето не се одржа поради две причини: остуство на една од обвинетите, и поради тоа што предметот се наоѓал во Апелацискиот суд за одлучување по жалба на одбраната за замрзнување на имот и за жалба за издвојување докази, па судијката го закажа следното рочиште за 24-ти февруари.