Со 30-тина смртни случаи дневно – Македонија уште е со висок степен на смртност од Ковид-19


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Слично како и претходните денови, ниту вчера немаше некои промени во епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Македонија.

Бројот на починати останува околу 30 дневно, но има мал пад на бројот на новозаразени. Вчера беа регистрирани 256 случаи на ковид-19 од 2.778 тестирања или околу девет проценти, што е за еден процент помалку од изминатите денови. Меѓу 31 починат за претходното деноноќие, повторно евидентирано младо лице. Се работи за 18-годишник од Гевгелија. Вчера беа регистрирани и 545 оздравени пациенти, пренесува Мкд.мк.

Досега во земјата се направени вкупно 1.206.597 тестирање на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181.875, бројката на оздравени пациенти е 162.060, на починати е 6.184, а бројот на активни случаи во моментов е 13.631.

Според епидемиолошки анализи, најголем број активни случаи има во Скопје – 5.919, следи Тетово со 1.283, Куманово – 883, Гостивар – 789, Струга – 613, Струмица – 576, Охрид – 550 и Кичево – 522. Во другите градови има помалку од 500 заразени, а во Демир Капија во моментов има само еден позитивен случај.

Според последните информации од Министерството објавени завчера, на вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се околу 750 илјади граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани над 1,3 милиони дози вакцини, а ревакцинирани се околу 590 илјади граѓани.

Околу 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, а тој процент кај лицата над 18 до 39 години е 29.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Надлежните повторно посочуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.

„Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата“, информираат од Министерството.

Надлежните внимателно ја следат епидемиолошката состојба во училиштата.

Во Куманово вкупно 30 ученици и девет наставници се заразени од коронавирусот од почетокот на учебната година до вчера, информираа надлежните од секторот за образование од општината. Тие оценија дека сегашната состојба е стабилна, бидејќи има 21 основно и средно училиште. Вирусот не се шири по училиштата, туку учениците и професорите имале позитивни членови во семејствата. Заболени има во различни училишта и во основните и средните.

Според податоците, во Куманово има 14.807 ученици, а вкупно вработени се 1.720 лица.

Четворица ученици од штипските основни и средни училишта позитивни на коронавирусот, информира Марија Димитрова, директорка на Центарот за јавно здравје-Штип. Станува збор за двајца ученици од Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“ и по еден од средното електро машинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ и средното медицинско училиште (СОУ) „Јане Сандански“.

Во изолација дополнително заминуваат 20 ученици. Претходните денови со стартот на учебната година во изолација имаше 53 ученици. Бројката на изолирани ученици во штипските основни и средни училишта досега е 73. Од почетокот на учебната година се до денеска регистрирани се осум ученици кои се позитивни на коронавирусот и тројца наставници од основните и средни училишта.

По една недела онлајн настава поради состојбата со ковид-19 во Кичево, учениците од кичевските средни училишта повторно седнаа во училишните клупи. .

Во текот на завчерашниот ден од Министерството за образование пристигна допис дека се исполнети условите учениците да ја продолжат наставата со физичко присуство.

Теренска ревакцинација против коронавирусот ковид-19 и денеска ќе се одвива во Демир Капија, информираат од ЈЗУ Здравствен дом „Неготино”.

„Вакцинирањето ќе се одвива од 8:00 до 13:00 часот во спортската сала во училиштето „Димката Ангелов – Габерот“. Вакцинацијата е единствен начин да се заштитиме и да се вратиме целосно во нормала, нешто што сите го посакуваме“, велат од неготинската болница.

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север завчера откриле 11 фалсификувани негативни ПЦР тестови приложени од македонски државјани на ГП Табановце и ГП Меѓународен аеродром Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

При проверка на ПЦР тестови приложени од македонски државјани на Граничниот премин Табановце биле откриени девет фалсификувани негативни ПЦР тестови, додека на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје биле откриени два фалсификувани тестови.

„Со сите 11 лица бил извршен разговор, при што појасниле дека тестовите ги набавиле од посредници за сума од 1.000 до 2.000 денари, информираат од МВР, посочувајќи дека против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од Грција вчера пристигна веста дека мерките, кои од следната недела стапуваат во сила, кои пред сè се за невакцнираните, освен за Грците, ќе важат и за посетителите на земјата.

Поконкретно, како што веќе објави МИА, влезот во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале ковид-19.

Според светската статистика, во светот досега од коронавирусотсе заразиле околу 224 милиони луѓе, починале 4,6 милиони, а оздравеле над 200 милиони лица.

Од Вашингтон вчера пристигна веста дека американскиот претседател Џо Бајден треба да обелодени нова стратегија за борба со Ковид-19 пандемијата, што во САД продолжува и покрај широката достапност на вакцината.

Бајден, пред тоа, се очекува да потпише указ за обврзно вакцинирање на сите федерални службеници чиј број изнесува 2.1 милион, јави Вашингтон пост.

Според Центрите за контрола на заболувањата (ЦДЦ), моментално во САД се вакцинирани 53 отсто од сите Американци, или две третини од возрасното население. Но, Администрацијата е принудена да понуди нов правец во борбата со коронавирусот во време кога инфекциите во текот на една седмица заклучно среда пораснаа просечно до 1.524 дневно, споредено со само 509 случаи пред еден месец. Од болеста досега починаа над 649.000 Американци.

Според претставник на Белата куќа, Бајден во својот настап ќе се задржи на шест области, вклучувајќи нови планови за зголемување на нивото на вакцинација, засилување на заштитата на вакцинираните и обезбедување непречена работа на училиштата. Ќе претстави и меѓународна агенда со повик за глобален самит за вакцинација.

Планот на претседателот Бајден исто така опфаќа такви сфери како експанзија на тестирањето, носење маски, заштита на ослабената економија предизвикано од пандемијата и подобрување на здравството за лекување од коронавирус.

Светската здравствена организација и многу експерти сметат дека богатите земји не треба да започнуваат повторна вакцинација додека не се вакцинираат максимален број на луѓе низ целата планета.

Африканска унија вчера упати апел да се испратат вакцини во Африка, наместо да се дава трета доза.

„Богатите земји би направиле подобро да испратат вакцини во Африка за да помогнат во борбата против глобалната пандемија на Ковид-19, наместо да акумулираат трета, засилувачка доза, за чија употреба сè уште нема научни докази“, изјави директорот на Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) Џон Нкенгасонг.

На вчерашната прес-конференција тој рече дека е збунет што некои земји ги занемаруваат советите од Светската здравствена организација да со воздржат од давање трета доза на своите граѓани сè додека повеќе луѓе во светот не ги добијат првите две дози.

Богатите земји, како што се Германија, Франција и Израел, планираат да им дадат на своите граѓани трета доза, поради загриженоста дека имунитетот од стандардниот режим на две дози се намалува.

Глобалната програма што обезбедува вакцини против Ковид-19 на сиромашните земји е на пат да падне за речиси 30 проценти во споредба со претходната цел од две милијарди инјекции оваа година, објавија меѓународните организации што ја предводат таа програма.