Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Со 114 гласа „за“ и 0 „против“ и „воздржани“, македонското собрание попладнево го ратификуваше протоколот за членство во НАТО.
По повод ратификацијата на Северноатлантскиот договор во македонскиот парламент, од собраниската говорница се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пренесува „360 Степени“.
Во своето можеби прво обраќање од собраниската говорница по речиси 18-годишен стаж како пратеник, Ахмети изрази благодарност до сите меѓународни и домашни политички фактори кои придонеле за остварување на стратегиската цел на земјава – членството во НАТО.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски изјави дека во изминатите 27 години, откако тогашниот парламент донесе одлука за стапување во НАТО, Македонија помина низ многу искушенија, но и низ безбедносна криза, ама стратегиските правци на државата останаа исти. Тој го истакна значењето на договорите со Грција и Бугарија за деблокада на евроатлантските перспективи на земјата.
Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во декември го донесе владата на Зоран Заев, но денеска во парламентот за законот зборуваше техничкиот премиер Оливер Спасовски. Тој истакна дека по промената на власта во 2017 година Владата презеде низа иницијативи што и го отворија патот на земјата кон полноправно членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ.
Претседателот на парламентот Талат Џафери истакна дека овој Собраниски состав успеа да покаже државничка свест и грижа за иднината, така што ги надмина сензитивни моменти и помогна за полноправното членство во НАТО.
По ратификацијата, пред Собранието ќе биде подигнати знамето на НАТО. Сепак, ратификацијата на договорот ќе биде со одложено дејство, додека и шпанскиот парламент не го ратификува Протоколот за нашиот влез во Алијансата, како 30. членка.
Се очекува овој парламентарен состав, до распуштањето, да го донесе и законот за одбрана, кој е двотретински, а ВМРО-ДПМНЕ се противи на промена на името на Армијата во Армија на Северна Македонија. Во парламентот не се исклучува можноста седницата на чиј дневен ред е новиот закон за одбрана да биде закажана уште вечерва, односно веднаш откако знамето на НАТО ќе се развее пред македонскиот парламент.