Со 10 гласа „ЗА“ собраниската комисија изгласа отпочнување измени на Уставот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Собраниската комисија за уставни прашања со 10 гласа ЗА и 7 гласа против изгласа отпочнување на измени на уставот и му предложи на Собранието да пристапи кон отворање на Уставот на РМ за владиниот предлог составен од четири амандмани.

Премиерот Зоран Заев вели дека повеќе од 25 пратеници од опозицијата се свесни дека треба да преземат одговорност и да гласаат, додека пак пратеникот Стевананџија дециден дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот.

„Ако гласаме против и нема две третини ќе мора некако да се носат следни чекори и одлуки и тоа ќе треба заедно да го донесеме, нема како поинаку“, вели Зоран Заев – премиер на Р.М

„Ниту еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој договор. Атмосферата за тоа ќе биде создадена во понеделник и што побрзо одиме на избори тоа е подобро за сите“, вели Димитар Стевананџија – пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Во име на предлагач за уставните измени, министерот за надворешни Димитров во завршното обраќање ги повика пратениците да дадат зелено светло и рече дека преку пораките од Столтенберг, Хан и Могерини треба да сфатат дека поинаков начин за влез во ЕУ и НАТО немаме. Според Илија Димовски покомплицирана политичка ситуација во Македонија немало.

„Факт е дека со овој договор влегуваме во НАТО како Македонци заедно со сите наши сограѓани и факт е дека ја тргаме пречката за пристапните преговори во ЕУ“, вели Никола Димитров – министер за надворешни работи

„Немате мандат надвор од документите донесени од овој Парламент, без разлика во кој состав бил. Последниот документ кој го тангира ова прашање е резолуција од 2008 година и таа е изгласана од пратениците од ВМРО-ДПМЕН, СДСМ, ДУИ, ДПА и сите тогашни пратеници“, вели Илија Димовски – пратеник од ВМРО ДПМНЕ

Дел од опозициските пратеници со конкретни предлози до Владата за имплементација на договорот.

„Промената на името во Република Северна Македонија за надворешна употреба да важи по ратификацијата на протоколот за прием на Република Македонија во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција“, вели Панчо Минов – пратеник од ГРОМ

„Верувам дека е возможно, затоа и така пишува во договорот“, вели Зоран Заев – премиер на Р.М

Следниот чекор од собраниската процедура е пленарната седница закажана за во понеделник. По расправа за владиниот предлог, следува гласање кое ќе покаже дали пратениците од опозицијата ќе ја поддржат владата за уставните измени и дали ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство од 80 пратенички гласови.