Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Лекторатот по македонски јазик во Брно, Чешка, згасна по шеесет години делумно поради аномалии на нашиот систем за назначување лектори во странство и нивно финансирање и најмногу поради неумешната и непрофесионална комуникација на надлежните при Семинарот за македонски јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели Диме Митревски, докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно, поранешен дипломец на катедрата за англиски јазик и книжевност на скопскиот Филолошки факултет (со чешки јазик и книжевност како втор студиум).
Во интервјуто за Факултети.мк, Митревски раскажува на што бил очевидец во изминатите две години и како полека згаснал лекторатот по македонски јазик. Интервјуто со Диме во целост ви го пренесуваме тука.
Лекторатот по македонски јазик во Брно, Чешка, беше оформен во учебната 1995/96 година. Во рамките на која институција дејствуваше?
– Формално, лекторатот бил основан во 90-тите години, но постојат податоци дека курсеви по македонски јазик на брњенскиот универзитетот се реализирале уште во 60-тите години. Во 80-тите македонскиот јазик се вовел како редовен изборен предмет во рамките на студиите по славистика. Со основањето на лекторатот се создале и услови за студирање на македонски јазик и книжевност како помошен, а подоцна и како главен студиум. До лани, лекторатот беше дел од Институтот за славистика при Филозофскиот факултет на Масариковиот универзитет во Брно. Важно е да се истакне дека освен редовното испраќање лектори од македонска страна, лекторатот како таков не суштествуваше како самостојно академско тело или некаков правен субјект. Студиските програми и курсеви што ги нудеше (македонски јазик и книжевност, како и јазични курсеви по македонски јазик) се реализираа во рамките на Семинарот за јужнословенски филологии и балканистика при Институтот за славистика. Ваквиот статус на лекторатот во контекст на овдешните услови е всушност очекуван, и во тоа македонскиот јазик не е исклучок.
Како бевте вклучени во работата на лекторатот по македонски јазик?
– Мојот ангажман на Институтот за славистика во Брно не беше воопшто поврзан со лекторатот по македонски јазик, кој извесно време не функционира. По неколку неврзани разговори со кадарот при Институтот, најдовме заеднички јазик и волја да понудиме неколку изборни курсеви од различни подобласти на македонистиката, кои ќе имаат задача да ја збогатат понудата на Институтот независно од она што го нуди нашиот лекторат. Првиот курс од областа на македонскиот филм го водев самостојно, и го следеа десетина студенти. Следниот семестар беше распишан курс под наслов „Современа Македонија“ и опфаќаше различни културолошки и историски теми. Таму одржав неколку работилници од области како македонска музика и архитектура. Соработката со Институтот, на заемно задоволство, продолжува и во зимскиот семестар годинава. Деновиве ќе биде распишан курс по балкански роман.
Колку студенти годишно ги посетуваа студиите по македонистика?
– Интересот за студиите по македонистика, како и општо за словенските јазици и книжевности, на Масариковиот универзитет беше и сè уште е мошне мал. Последниве години студиумот македонски јазик и книжевност се отвораше еднаш на две години (наизменично со српски јазик и книжевност), и тогаш се запишуваа два-три студенти. До пред неколку години интересот бил можеби поголем, но досега не сум забележал да имало повеќе од 5-6 студенти во една година. Поголема посетеност имаат јазичните курсеви по македонски јазик, кои се отворени за студенти од целиот универзитет.
Лани лекторатот беше затворен. Објаснете ни што се случи?
– Во летниот семестар 2017 година на Масариковиот универзитет завршуваше мандатот на лекторката по македонски јазик, и од есента 2017 година требаше да биде назначен нов лектор. Надлежните од Институтот за славистика во Брно испратиле официјален допис до Деканатот на Филолошкиот факултет во Скопје уште во февруари минатата година. Во дописот ја објаснуваат состојбата со намалениот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, ги опишуваат детално обврските на идниот лектор, го истакнуваат фактот дека неговото дејствување како јазичен лектор би било ограничено во бројот на часови, и прашуваат дали македонската страна е спремна и понатаму да го одржува лекторатот. Освен тоа, писмото содржи и општо прашање во врска со статусот на лекторот по македонски јазик во контекст на македонските лекторати во странство. Во март истата година писмото било проследено до надлежните во Семинарот за македонски јазик при Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што значи дека тие за состојбата биле информирани благовремено. Меѓутоа, на ова писмо досега не е експлицитно одговорено. Воопшто, првата реакција од македонска страна дојде дури на почетокот од декември 2017 година (девет месеци по добивањето на писмото). Одговорот се состои од кратка порака, дека за Брно за академските години 2017/2018 и 2018/2019 е именувана нова лекторка (иако зимскиот семестар 2017 беше речиси завршен), а изостануваат какви било одговори на другите прашања од првичниот допис.
Проблемот првично настана кон крајот на летниот семестар 2017 година. Главно поради немањето никаков одговор од македонска страна во врска со новиот лектор, Институтот за славистика во Брно не распиша курсеви и студиум по македонистика за академската 2017-2018. Според тврдењата на надлежните, иако во нивен интерес е лекторатот да продолжи со работа (бидејќи секој дополнителен курс значи и зголемување на портфолиото на Институтот), тие не можат да распишат курсеви и да отворат студиум додека немаат официјално именуван лектор од македонска страна. Досега имало неколку случаи кога поради административна неможност да се назначи официјален лектор за одреден период, во интерес на обезбедување континуитет, часовите ги преземал привремен лектор од редовите на странскиот универзитет, кој има цел да обезбеди замена до пристигнувањето на официјалниот лектор. Во овој случај тоа не беше направено токму поради немањето никаква реакција, ниту барање од македонска страна, а Институтот сам не би можел да назначи замена, во случај во меѓувреме да биде испратен официјален лектор од Скопје. Од декември 2017 година следуваше една подолга преписка меѓу Семинарот за македонски јазик при УКИМ и Институтот во Брно, во која македонската страна се обидува да издејствува враќање на лекторот од зимскиот семестар 2018, како и дополнителна финансиска и друга поддршка од чешката страна, повикувајќи се на веќе неважечки правни и договорни акти, како и на ирелевантни практики. И покрај неколкуте објасненија од чешка страна, дека поради фактичката состојба на лекторатот и малиот број на часови помошта од Институтот би била мошне ограничена, надлежните од Семинарот во Скопје инсистираат на поголема поддршка. По подолги пазарења и убедувања, во февруари 2018 година се откажуваат и случајот го предаваат на наводна повисока инстанција, која би требало да го реши во рамките на некаква посета на Ректоратот на Масариковиот универзитет (за што во брњенскиот универзитет до денес не постои податок дека се остварила). Додека траеше преписката, на универзитетот во Брно се одвиваше процесот на изготвување нови студиски програми за новите акредитации од академската 2019/2020 година. Во новата програма на Семинарот за јужнословенски филологии и балканистика, македонскиот јазик е единствен без сопствена специјализација. Така можноста за студирање македонистика на брњенскиот универзитет и формално нема да постои, а наставата на македонски јазик ќе се сведе на јазични курсеви, што во пракса значи враќање на ситуацијата од пред 1995 година. Ваквото решение, според неофицијалните изјави од надлежните во Брно, е во голема мера резултат на немањето континуитет во назначувањето лектори по македонски јазик и на недостигот од стабилна комуникација со македонската страна.
Може ли да посочите виновник за целата ситуација?
– Сума сумарум, вината за губењето на лекторатот во Брно, освен делумно во структурните аномалии на македонскиот систем за именување лектори во странство и нивно финансирање, речиси целосно ја согледувам во неумешната и непрофесионална комуникација на надлежните при Семинарот за македонски јазик во Скопје. Од достапната преписка и други релевантни документи може да се увиди дека се работи за отсуство на волја и способност за надминување на проблемот макар и надвор од тесните институционални рамки, нефлексибилност и неконзистентност во комуницирањето, дури и извесна индиферентност за судбината на лекторатот во поттекст. Ваквиот неуспех остава простор за сомневање и во најосновните компетенции и знаења на споменатите надлежни при Семинарот потребни за менаџирање на нашите лекторати во странство. Во крајна линија, на првичното писмо од Институтот во Брно до денешен ден не е официјално одговорено, така што за некакво комплексно, вонинституционално решавање на проблемот со лекторатот по пат на вешта медијација и преговарање од македонска страна, не може ни да се разговара.
Реагиравте ли, ги известивте ли надлежните во Република Македонија. Што презедоа тие за да се спаси лекторатот?
– По игра на случајот, имав увид во преписката меѓу двете страни уште од почетокот, лани во декември, и како докторанд при Филозофскиот факултет бев замолен да им помогнам со превод на писмата и со други технички работи. Се разбира, како докторанд на друг институт и како надворешен член на телата при факултетот, не би можел официјално да го претставувам Институтот за славистика, но по моја сопствена иницијатива решив да се информирам детално за ситуацијата во рамките на она што е информација од јавен карактер и да помогнам во решавање на проблемот. Прво се обидов со ова да ги запознаам сите релевантни инстанции во Македонија, и тоа Деканатот на Филолошкиот факултет, дел од членовите на Советот за македонски јазик, како и дел од проректорите на УКИМ, чиј Ректорат е и директно надлежен за Семинарот за македонски јазик. Како одговор на моите писма главно добивав декларативни изрази на загриженост за ситуацијата, релативизирања на вината на гореспоменатите надлежни, необврзни ветувања за неофицијални ургенции за решавање на проблемот, и во најдобар случај разбирање на ситуацијата и споделување на мојата критика кон надлежните, но сепак целосна немоќ да се преземат конкретни чекори. Кога конечно искомуницирав со надлежните и благовремено ги предупредив за опасноста од затворање на лекторатот со новите акредитации, тоа воопшто не ја промени нивната стратегија за надминување на проблемот во комуникација со чешката страна. Напротив, дојдоа обвинувања дека неовластено се мешам во нивната комуникација, како и сомнежи дека моето дејствување има скриени мотиви.
На моето барање за обезбедување дел од документацијата за избор на лекторите во странство, од Семинарот беше одговорено дека дел од тие документи „не ги даваат“, па морав да ги обезбедам преку правната служба на УКИМ како информации од јавен карактер. Од она што го добив може да се види дека важечките процедури за именување на лектори се во најмала рака непрактични (лектор се избира во ноември за академската година која почнува во септември истата година), нефлексибилни и не одговараат на реалните потреби на нашите лекторати. Ваквата состојба како да им одговара и на надлежните при Семинарот, кои сопствената негрижа, неработење и неспособност секогаш можат да ги припишат на неповолноста на постојните прописи и услови.
Што изгуби Република Македонија со затворањето на лекторатот во Чешка?
Разбирливо, најочигледна загуба е прекинот на работата на лекторатот првпат од 90-тите години, а потоа и укинување на програмата за македонски јазик и книжевност на Масариковиот универзитет во Брно од 2019 година. Со тоа сме прекинале една традиција која почнала во 60-тите години. За да се вратиме на статусот на студиска програма по македонистика и лекторат рамноправен со другите на Институтот, сега би требало одново да отпочнеме процедура за отворање таква програма најрано од академската 2019/2020 година и да ги убедиме надлежните при Институтот дека вреди да се потроши многу време и ресурси за одново отворање на лекторатот. Да не заборавиме и дека по одредени протоколарни правила, лекторот по странски јазик во тамошната земја има статус на лице за (макар неофицијална) врска со нашата земја веднаш по амбасадорот, конзулот и културниот аташе, како и на „дежурен“ толкувач и преведувач во официјални ситуации, кога не е достапен ниту еден од овластените судски преведувачи – таквото лице ние го изгубивме. Би било излишно да се зборува за огромната штета нанесена на промоцијата на нашата култура и јазик во оваа средина бидејќи активниот лектор би можел да функционира и како еден вид неофицијален амбасадор и промотор во студентската сфера како една од највиталните сфери на секое општество. Изгубени контакти, пропуштени можности за соработка, нереализирани проекти – списокот продолжува. Меѓутоа, во конкретнава ситуација како најголема долгорочна загуба го гледам нарушувањето на угледот на македонистиката и на нашата земја, во која надлежните веќе не гледаат сериозен партнер за соработка. Поправањето на оваа штета ќе бара многу посветеност и работа.