Слупчанци ќе плаќале струја – кој сака нека честита


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Теренските екипи на електродистрибуција од денеска треба да почнат со работа во липковското село Слупчане, откако било договорено корисниците на социјална парична помош да ги плаќаат заостанатите сметки на рати, информираа денеска претставниците од Општината.

Во однос на договорот со жителите од Слупчане, од ЕВН велат дека законите кои важат за сите корисници ќе продолжат да важат и понатаму, објави МИА.

Претседателот на советот на општина Липково, Зекрија Шаини, вели дека активностите на терен течат согласно договорот.

„Состојбата беше бурна и луѓето од селото сакаа да знаат што ЕВН ќе работи. Тие се приватна компанија и сакавме да знаеме што конкретно ќе работат како и за сите приватни компании. Половина од селото користат социјална помош и имавме барање долговите да се плаќаат на рати, што важи за сите граѓани во Македонија. ЕВН ќе треба да постави бандери до планот до каде што е селото“, изјави Шаини.

Во однос на барањето да се плаќа по 3.000 без разлика на потрошувачката, тој кажа дека во тоа препукување преку медиумите со некои луѓе од ЕВН, дел од барањата на слупчанци биле нелогични.

„Барањето не е логично, ќе се плаќа колку се троши и не сакаме да бидеме црна точка како што не претставуваа. Оние кои се социјални случаи ќе плаќаат на рати. Останатите плаќаат како и сите во државата, ќе користат поволности што важат за сите“, рече Шаини, додавајќи дека во Слупчане има над 60 проценти жители кои плаќаат сметки.

И претставникот на локалното население и советник во Советот на Општина Липково, Иљаса Абази, вели дека е постигнат договор кој е во согласност со законот и на обострано задоволство на двете страни. Се надева дека тој ќе се почитува и повеќе ќе нема вакви недоразбирање. „Мислам дека ЕВН ќе нема проблеми да ги постави броилата и бандерите за новата мрежа, по што очекуваме да се решат и проблемите со честите дефекти“, кажа Абази.

Од ЕВН потврдија дека екипите на Електродистрибуција денеска ќе почнат со работа во селото Слупчане и дека законите кои важат за сите корисници во државата, ќе продолжат да важат и понатаму во селото.

Жителите на Слупчане го блокираа влезот на селото на почетокот на минатиот месец, откако почнало поставувањето на електрични броила. Тогаш ЕВН обвини дека во Слупчане, кражбите на електричната енергија се околу 80 отсто, а наплатата е само 20 проценти. Поради тоа жителите доставија барања од ЕВН, како простување на долговите, нови приклучоци за 6.000 денари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја.

По неколкунеделни преговори, на кои гаранција беа политичарите, се најде решение на проблемот.

Мрежата во Слупчане не е реконструирана повеќе од 20 години од конфликтот 2001.